Македонскиот автомобилист Ристо Вуков стартуваше во неделата од 16-та позиција во првата трка од третиот гран при викенд на Порше Карера Куп Италија, но со одлично возење успеа да стигне до осмото место.
Во денешната трка која стартува во 13,15 часот ќе тргне од 8-то место, при што првите шест ќе ги ротираат своите позиции.
„Како почнав, одлично завршив! Квалификациите беа лоши, разликите мошне мали, па возачите од 9 до 16 место се разликуваа за пола секунда. Бев разочаран и немав волја да возам денес. Но, тргнав без страв, немав што да изгубам, можев само да добијам. Имав одличен старт и досега немам грешки во стартовите, тоа е добро, ми дава некоја самодоверба. Бев доволно стрплив додека траеја судирите на патеката. Го искористив тоа и малку по малку одев напред. Во последните 3-4 круга стигнав до 8 место, Кварезмини ме пројде чисто, но Фестанте во последниот свиок ме истурка при сопирање. Сепак, тој е казнет и јас сум на 8 место“, изјави Вуков.
Откри дека екипата има можност да искористи и еден „џокер“ бидејќи има право на тоа еднаш во текот на сезоната.
„Размислуваме со тимот, сите ние имаме право на еден нов сет гуми, тоа е „џокер“ кој може да се искористи на една од трките. Дилемата е дали тоа да го направиме на оваа трка“, истакна Вуков