Вулин бара построги казни за предизвикување пожари во Србија

Министерот за внатрешни работи на Србија, Александар Вулин, изјави за време на неговата посета на Пчињскиот округ, кој се граничи со Северна Македонија каде во изминатите денови се евидентирани над 100 пожари, дека ќе инсистира на заострување на казнената политика кон сите кои предизвикуваат пожари со својата негрижа, ненамерно, јави дописникот на МИА од Белград.

– Од 25 јули досега, Србија се соочи со повеќе од 850 пожари на отворено. Тоа покажува колку сме неодговорни, колку не мислиме, колку систематски не најдовме одговор за оние кои не се грижат ниту за себе, ниту за другите, изјави Вулин при посетата на областите погодени од пожарите.

Тој нагласи дека „сите оние кои предизвикуваат пожари од негрижа и невнимание мора да знаат дека ќе бидат пронајдени и ќе одговараат за се што направиле и материјално и на кој било друг начин“.

– Само во Пчињскиот округ, од 2 август досега се евидентирани повеќе од 100 пожари на отворено за чие гаснење се ангажирани 500 пожарникари и повеќе од 100 возила, кои беа повлечени од цела Србија за да се реши проблемот создаден од неодговорни поединци, кои не размислуваат дека палењето на стрништата може да запали цело село и некого да убие, истакна Вулин.