Вулканот Шивелуч трет ден исфрла пепел

По тридневна ерупција, активноста на вулканот Шивелуч на Камчатка, делумно е смирена, но сè уште исфрла облаци од пепел во висина до шест километри, соопшти денеска регионалната канцеларија на Геофизичкиот институт на Руската академија на науките.

– Ерупциите продолжуваат, но тие се значително помалку интензивни. Треба да очекуваме дополнително забавување на еруптивната активност, но спорадичните исфрлања на облаци од вулканска пепел во висина од пет до шест километри сè уште може да се појават, предупредува Геофизичкиот институт.

Од почетокот на ерупцијата, областа околу вулканот е затворена за летови, а на жителите им се советува да останат во затворени простории.

Шивелуч има два дела – Стар Шивелуч со висина од 3.283 метри и помал, многу активен Млад Шивелуч.

Камчатка е лоцирана на 6.600 километри источно од Москва и има 160 вулкани, од кои околу 30 се активни.