Вулверхемптон го шокираше Тотенхем

Фудбалерите на Вулверхемптон го приредија веројатно изненадувањето на 20-то коло на англиската Премиер лига, победувајќи го на лондонски „Вембли“ домашниот Тотенхем со 3:1 со што ја прекинаа победничката серија на Спарс од пет победи.

Во последните две кола Тотенхем постигна дури 11 голови, шест му даде на Евертон а пет на Борнмут, и со победа против просечниот Вулверхемптон може да се приближат на водечкиот Ливепрул на само три бода заостанување. Меѓутоа, одиграа слабо, што го искористија гостите за голема победа. Тотенхем не само што не му се приближи на Ливерпул, туку доколку Манчестер Сити победи во недела на гостувањето кај Саутемптон, ќе падне на третото место.

Хари Кејн во 2 минута со одличен удар од 20-ина метери откосо погоди за водство на Тотенхем и се чинеше дека домашните рутински ќе стасаат до победата. Но играчите на Вулверхемптон не се предаваа и во 72 минута израмни Вили Боли, а десет минути подоцна Мексиканецот Раул Хименез го шокираше „Вембли“ постигнувајќи погодок од работ на шеснаесетникот. Сите дилеми околу победникот ги разреши во полза на гостите во 82 минута Елдер Коста кој поентираше по брзата контра за 3:1. Вулверхемптон така привремено се искачи на седмото место со 29 бодови.

Во дербито од долниот дел на табелата, Фулам го победи Хадерсфилд со 1:0 со голот на Александар Митровиќ во првата минута од судиското продолжение. Митровиќ така го спаси Абубакара Камару кој осум минути претходно не реализираше пенал за домашните. Фулам моментално е 18-ти со 14 бодови, два повеќе од Барнли кој е место подолу, додека Хадерсфилд останува на дното со 10 бодови.

Со истиот резултат Кардиф Сити славеше на гостувањето кај Лестер Сити, а решавачкиот погодок го постигна Виктор Камараса во втората минута од судиското продолжение. Домашните во 75 минута имаа најстрога казна, но Џејмс Медисон беше непрецизен. Се обиде да го збуни и измами голманот забавувајќи го залетот на полови, но Нале Итериџ остана мирен и го одбрани ударот упатен во долниот лев агол. Кардиф дојде до многу важни бодови во борбата за опстанок, и сега има 18 кои ми го гарантираат 16-то место и по завршувањето на колото. Лестер, пак, ја загуби седмата позиција, и сега е место подолу останувајќи на 28 бодови.

Со резултат 1:0 заврши и дуелот меѓу Брајтон и Евертон, а на домашните победата во 59 минута им ја донесе Јирген Локадиа. Ова е првата победа на Брајтон против Евертон воопшто по 1982 година. Брајтон си ја задржа 13-та позиција на табелата сега со 25 бодови, додека Евертон падна на 10-та со 27 бодови, но по неделните мечеви може да се лизне уште две места подолу.

Вотфорд и Њукасл Јунајтед одиграа 1:1. Поведоа гостите во 29 минута со голот на Рондон, што е негов петти погодок во последните осум натпревари, а претходно за пет голови му беа потребни дури 30 мечеви. Израмни Абдулаје Дукури во 82 минута. Вотфорд стана деветти со 28 бодови, а Њукасл моментално е 15-ти со 18 бодови.

Вечерва се игра уште дербито меѓу Ливерпул и Арсенал. Во недела ќе се играат дуелите: Кристал Палас – Челзи, Барнли – Вест Хем Јунајтед, Саутемптон – Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед – Борнмут.