Вицепремиерот и висок партиски функционер на ДУИ, Артан Груби, во вечерашното гостување во вестите на Канал 5 телевизија, доколку не станува збор за грешка, даде во најмала рака контроверзна изјава во врска со објаснувањето за сопственоста на луксузниот автомобил кој изминатите денови беше запален пред неговото живеалиште а тој тврди дека не е негово но сите негови сопартијци и коалициски партнери директно го доведоа во поврзаност со палежот.
Така, првиот вицепремиер Груби рече дека пријателот кој му го позајмувал „ауди“-то бил успешен бизнисмен 30 години. Меѓутоа, според официјалното известување на Министерството за внатрешни работи тој на денот на инцидентот имал 35 годни, што значи дека успешно се занимава со бизнос уште од предучилишна возраст, односно кога имал само пет години.
„Возилото ‘ауди’ од 2008-та го продадов и за приватни потреби ги користам возилата на моите браќа, ‘ксара’-та на татко ми, како и други возила. Апсолутно ‘ауди’-то не е мое возило, сум користел други возила за приватни цели. Минатата недела имав мала хируршка интервенција и не го користев ова возило десет дена. Лажни се снимките дека неодамна сум го користел тоа возило, и тоа од 2019-та. Сите претпоставувале дека возилото е мое лично. Пријателот ми е близок и живее во моја близина. Имаше флешери возилото“, вели Груби.
Додадел дека пријателот е успешен бизнисмен со „компанија од преку 30 години и други бизниси“ и оти надлежните „може слободно да го испитаат потеклото на неговиот имот“.
„Ги поканувам сите институции да истражат било каква претпоставка дека имам некаков имот и дека од целиот настан во 3 и пол наутро пред моите деца , не изразија жалење. Ова за мене говори за многу жална ситуација во која се наоѓа нашето општество. Нека се истражи чие е возилото“, рече Груби.