VW и XPeng градат мрежа на станици за супербрзо полнење во Кина

Германскиот автомобилски гигант „Volkswagen“ и кинескиот производител на електрични возила „XPeng“ објавија дека имаат намера да изградат мрежа на станици за супербрзо полнење во Кина.

Компаниите потпишаа меморандум за разбирање кој предвидува стратешка соработка за изградба на повеќе од 20.000 полнилници во 420 кинески градови, се вели во соопштението објавено во понеделникот.

Станиците за полнење ќе бидат достапни за возачите на автомобили „XPeng“ и „Volkswagen“ произведени во Кина.

Мрежата на станици за полнење на VW и XPeng ќе биде дигитално поврзана преку системи во возилото, апликации за мобилни телефони и уреди за полнење за да се подобри оперативната ефикасност, соопштија компаниите.

„Со својата стратегија за електрификација, Volkswagen спроведува холистички план што ја надминува понудата на електрични возила со најсовремена технологија и највисоко ниво на квалитет“, рече извршниот потпретседател на „Volkswagen Group China“, Олаф Коржиновски во соопштението за медиумите.

Во 2019 година, VW основаше заедничка компанија за полнење електрични автомобили со кинеските партнери Wanbang, FAW и JAC, која моментално вклучува повеќе од 13.000 станици за полнење во 213 кинески градови.

Во 2023 година тие инвестираа 700 милиони долари во „XPeng“ и двете компании потпишаа рамковен договор за стратешка техничка соработка, забележува кинескиот весник Global Times.

„Меѓународната соработка отсекогаш беше клучното начело за развој на авомобилксата индустрија, ја цитира весникот Global Times изјавата на германскиот економист специјализиран за автомобилската индустрија Фердинанд Дуденхофер за кинеската службена новинска агенција Xinhua.