Германскиот автомобилски гигант „Volkswagen“ објави дека може да инвестира до пет милијарди долари во американскиот производител на електрични автомобили „Rivian“ во наредните години за да обезбеди пристап до технологијата и да го забрза развојот на софтвер.
Групацијата „Volkswagen“ ќе инвестира почетна милијарда долари во „Rivian“, а до 2026 година вредноста на инвестицијата би можела да порасне на пет милијарди долари доколку идното заедничко вложување постигне целни резултати, се вели во соопштението објавено во вторникот по затворањето на американската берза.
Целта на партнерството е да се забрза развојот на софтверот, истакна германскиот автомобилски гигант и додаде дека формирањето на заедничка компанија ќе им овозможи директен пристап до технологијата за електрични автомобили на „Rivian“, која ќе ја инсталираат во своите возила.
„Преку нашата соработка ќе ги донесеме најдобрите решенија за нашите возила побрзо и по пониска цена“, изјави извршниот директор на групацијата „Volkswagen“, Оливер Блуме.
„Партнерството беспрекорно се вклопува во нашата постоечка софтверска стратегија, нашите производи и партнерства. Го зајакнуваме нашиот технолошки профил и конкурентност“, нагласи Блуме.
Од друга страна, во „Rivian“ сметаат на пристапот на „Volkswagen“ до глобалниот пазар и помош за високите трошоци за производство.
Американската компанија моментално губи речиси 39 илјади долари на произведеното возило. Бележи загуби од самиот почеток на бизнисот во 2009 година, а во 2024 година сакаат да ја прекинат таа низа. Во првиот квартал работела со нето загуба од 1,4 милијарди долари, што е за 7,7 отсто повеќе отколку на почетокот на 2023 година. Оперативните расходи се зголемени за 6,6 отсто, на 958 милиони долари.
„Соработката ќе ни ги обезбеди најдобрите решенија за нашите возила, за пократок временски период и пониски трошоци“, изјави основачот и извршен директор на „Rivian“, ЕрЏеј Скеринџ.