Германскиот автомобилски гигант „Volkswagen“ (VW) навести дека може да ја затвори фабриката на „Audi“ во Брисел поради големиот пад на побарувачката за луксузни електрични автомобили.
Побарувачката на модело „Q8 e-tron“ на „Audi“, лансиран во 2018 година, нагло опадна и раководството размислува да го прекине производството на моделот. Извор близок до компанијата изјавил за Reuters дека одлуката може да се очекува следната година.
Менаџментот се подготвува да започне процес на консултации во потрага по алтернативни решенија за фабриката, која вработува околу 3.000 луѓе. „Ако не најдеме алтернатива, би можеле и да го прекинеме производството“, се вели во изјавата на „Audi“.
Фабриката во Брисел произведе околу 50.000 автомобили минатата година и, покрај слабата побарувачка, е зафатена од „долготрајни структурни предизвици“, вклучително и тешкотии при повторен развој поради близината до голем град и високите логистички трошоци.
Во февруари фабриката беше затворена две седмици поради недостиг од делови, па доцнеа испораките. Менаџментот на VW ги издвои проблемите во фабриката меѓу причините за падот на оперативната добивка од 20 отсто во првиот квартал. Портпаролот на компанијата уште тогаш изјави дека ја разгледуваат можноста за промени во производството.
Во вторникот VW предупреди дека потрагата по алтернативна употреба на фабриката во Брисел или нејзиното затворање и други непланирани ставки ќе ја чини до 2,6 милијарди евра оваа година.
„Volkswagen“ нема затворено фабрика од далечната 1988 година, кога го прекина производството во американски Вестморленд. Челникот на овој бренд на VW се закани со затворање на фабрика во Европа и неколку месеци подоцна поднесе оставка, нагласува извор од работничките кругови.
Производителите на автомобили очекуваа поголема побарувачка за електрични возила и сега се во неволја, бидејќи инвестираа многу во капацитетот и развојот на технологијата. На почетокот на годината, „Audi“ предупреди дека очекува послаба продажба во 2024 година, истовремено воведувајќи нови модели и намалување на трошоците