WSJ: Харис ќе го даде првото интервју заедно со Вaлц за да избегне фијаско

Потпретседателката на САД, Камала Харис одлучи конечни да го даде своето прво интервју како претседателски кандидат не сама, туку заедно со нејзиниот потпретседателски кандидат Тим ​​Валц, со цел да го минимизира ризикот од лошо одговарање на прашања, оценува во редакцискиот осврт весникот The Wall Street Journal (WSJ).

„Тимот на потпретседателката конечно ѝ дозволи да одговора на прашањата на (водителката на телевизијата CNN) Дејна Баш. Но, наместо интервју еден на еден, Баш ќе мора одеднаш да разговара со Харис и Валц. Ова е намерен обид да се намали ризикот од лошо претставување на потпретседателката“, се вели во написот.

Членовите на уредничкиот колегиум на весникот забележуваат дека со вклучување на Валц, Харис нема да мора сама да одговара на сите прашања, а интервјуерот нема да има време „да оди подалеку од муабетот за општи теми“ и да добива појаснувања од нејзините соговорници за некои важни теми, вклучувајќи ја и надворешната политика на САД.

„Валц ќе биде таму со падобран којшто ќе ја спасува претседателската кандидатка доколку наиде на потешкотии и не успее да одговори на кое било прашање успешно“, сметаат авторите на написот. „Ова интервју е обид да се отфрлат обвинувањата дека Харис сè уште не дала ниту едно интервју како претседателски кандидат“, заклучува колегиумот.

Интервјуто на CNN со Харис и Валц ќе се емитува на 29-ти август. Тоа ќе биде прв директен разговор на Харис за медиумите откако таа го замени американскиот претседател Џо Бајден како демократски претендент за Белата куќа. Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп постојано ја критикуваше Харис за нејзината упорна неподготвеност да разговара со новинарите. Според него, на овој начин потпретседателката се обидува да ја сокрие својата неспособност.

Според непотврдени најави од тимот на демократската кандидатка, се очекува Харис да дава интервјуа еден на еден во кампањата до изборниот ден на 5-ти ноември.

Инаку Трамп го најави нивното телевизиско соочување за 10-ти септември. Меѓутоа, во вторникот Трамп рече дека „постигнал договор“ за правилата за одржување на толку очекуваното телевизиско соочување на 10-ти септември против неговата демократска противкандидатка, два дена откако се закани дека нема да учествува.

Дека настанот ќе се одржи потврди и тимот на актуелната американска потпретседателка.

На својата социјална мрежа Truth Social, републиканскиот кандидат рече дека „постигнал договор“ со демократскиот изборен тим за правилата на дебатата, која мора да се одржи на ABC под исти услови како и соочувањето на Трамп и Бајден на CNN на 27-ми јуни.

Тогаш во студиото немаше публика, а додека зборуваше едниот кандидат, микрофонот на другиот кандидат беше исклучен.

Трамп рече дека добил уверување од ABC дека дебатата, која ќе се одржи во Филаделфија, ќе биде „фер и праведна“.