За само десет години во основните и средните училишта во земјава има десет отсто помалку ученици. Во апсолутни бројки, тоа се 27 илјади ученици помалку, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), според податоци од Државниот завод за статистика (ДЗС).
Најизразено, според ЦГК, е намалувањето на бројот на ученици во средното образование, каде што за една деценија има 17 илјади ученици помалку. Во основното образование, пак, бројот на ученици е намален за пет отсто, односно за десет илјади ученици. Во две третини од општините има намалување на бројот на ученици, додека зголемување има во десет скопски општини и во девет други општини, надвор од Скопскиот Регион.
Бројот на средношколци за една деценија се намалил во 73 од општините во земјава, вклучувајќи го и Градот Скопје.
Процентуално, најголем губитник на средношколци е Пехчево, каде што во последните години нивниот број е намален за 83 отсто. Во апсолутни бројки, најголемо намалување на бројот на средношколци има во Скопје и во речиси сите големи градови – Тетово, Струга и Кичево, Струмица, Гостивар, Куманово и Штип.
„Спротивно, зголемување има само во седум општини од кои пет се од Скопскиот Регион и само три други општини, Брвеница, Боговиње и Богданци. Четири од општините со зголемување се оние во коишто во последните десет години се отворило средно училиште, а претходно немало со што може да се оправда зголемениот број на ученици. Ако се изземат овие општини, бројот на ученици во средно е зголемен само во три општини во земјава и тоа: Аеродром, Центар и Богданци. Како и да е, во сите седум општини каде што има зголемување на бројот на средношколци, вкупната бројка на зголемување изнесува 1 136“,стои во истражувањето на ЦГК.
Зголемување на бројот на основци, пак, во последните десет години имало во десет скопски општини и во девет општини од внатрешноста. Во деветте општини надвор од Скопје имало вкупно зголемување од само илјада ученици отколку пред десет години. Тоа се претежно мали општини како Чашка, Теарце, Ресен и Крушево.
Од поголемите градови, само во Струмица има зголемување на бројот на основци за околу 400, односно за 9 отсто.