За 4.400 Палестинци од Газа на Западниот брег, 4,5 милиони долари

Катарската Црвена полумесечина и Агенцијата на Обединетите нации за Палестинците (UNRWA) во неделата потпишаа договор во вредност од 4,5 милиони долари од државниот фонд за развој на Катар за помош на повеќе од 4.400 палестински работници и пациенти од Газа кои се наоѓаат во другата окупирана палестинска енклава Западниот брег (на реката Јордан).

„Паричната помош ќе обезбеди витална поддршка за раселените кои не можат да се вратат во Појасот Газа од почетокот на израелската агресија врз Појасот минатиот октомври“, се вели во соопштението на катарската новинска агенција.

„Илјадници палестински бегалци остануваат заробени на Западниот брег, одвоени од своите најблиски и нивниот извор на приход“, изјави комесарот на UNRWA, Филип Лазарини.

Откако започна целосната израелскаа блокада на Газа во 2007 година, влезот и излезот како на луѓе од Појасот Газа станаа строго ограничени, а поединци беа принудени да бараат здравствена заштита, образование или работа на Западниот брег.