За 6 пати е пониска потрошувачката на енергија во енергетско ефикасни објекти

Градежната комора на Сојузот на стопански комори поддржува измени на законската регулатива кои ќе значат подобрување на квалитетот на градба и ќе придонесат за заштеда на енергија и примена на повисоки стандарди за заштитата на животната средина. Ова денеска му го соопштија нејзини претставници на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водени ресурси (РЕК) Марко Бислимоски во рамки на дебатата за измените на Законот за градење во делот на дополнување на издавањето на одобрението за градба со информација за начинот на греење на објектот.

– Сериозните градежни компании во реализација на своите инвестиции ги следат најновите трендови и градат според современи стандарди за енергетска ефикасност и заштита на животната средина. Во таа насока поддржуваме измени на законската регулатива кои ќе допринесат за создавање на подобри услови за домување, од што ќе имаат придобивки граѓаните, но и заедницата пошироко – рече по средбата Ивица Јакимовски, претседател на Градежната комора.

Тој смета дека преку поширок процес на размена на мислења ќе треба да се утврдат условите под кои ќе се регулира прашањето за загревањето на објектите во фазата на добивање на градежна дозвола со што ќе се добијат однапред мапирани региони.

Јакимовски рече дека ако се следат прописите регулирани со Законот за енергетска ефикасност, во објектите се намалува потрошувачката на енергија за шест пати.

– Сега се оди чекор понатаму, односно и уредите кои се инсталираат во домовите за загревање да бидат енергетски ефикасни односно да трошат помалку енергија – рече тој.

Од Градежната комора сметаат дека при носење на одлука по ова прашање треба да има инклузивен процес во кој при избор на решението ќе се почитуваат интересите на граѓаните, ќе се овозможи претпријатијата кои се на директен или индиректен начин засегнати да продолжат да работат и ќе се спречи создавање на монополски позиции на пазарот.

Регулаторната комисија за енергетика предлага во законските прописи од областа на градењето да се предвиди обврска објектите кои се градат да се приклучуваат на организиран систем на топлинска енергија таму каде што има таков систем.

Ослободување од оваа обврска може да има доколку инвеститорот покаже дека има друг енергетски поефикасен систем за греење.