Речиси 73 илјади евра Општина Аеродром ќе потроши за да ги информира жителите за сработеното, но и да ги едуцира своите вработени за комуникација. Договорот е склучен со агенцијата МЕККЕН, објави Канал 5.
Во ставките од договорот најмногу пари се предвидува за: Осмислување годишен план за комуникација со граѓаните и сите релевантни страни од интерес со цел нивно информирање за проектите и активностите на Општината. За ова ќе се издвојат 7 илјади евра.
Над 8 илјади евра Општината ќе ја чини – Осмислување план за едукација и јакнење на капацитетите во рамките на Општината ефикасна комуникација со граѓаните. Илјада евра ќе чинат осмислените постови на Фејсбук, Инстаграм и Твитер. А за околу две илјади евра ќе се подготвуваат материјалите за прес конференции, поканите до медиумите и пишувањето на соопштенија. Речиси 10 илјади евра е ставката за – Теренско истражување за степенот на информираност на граѓаните во врска со активностите на Општината.
Од Општината велат дека поради обемноста на програмата и проектите од повеќе области се одлучиле на ваков чекор.
-Општинската администрација е задолжена за реализација на програмата, додека улогата на професионалната маркетиншка агенција е преку нивните креативни, стратешки и експертски услуги да овозможи дополнителна поддршка за уште поефикасно креирање, организирање, информирање, презентирање и вклучување на граѓаните во сите тие активности, проекти и акции.
Договорот на градоначалникот Златко Марин е склучен пред неколку дена, а треба да се реализира во период од една година.