Вработените во фирмата „Афион“ на кандидатот за градоначалник на СДСМ за општина Велес, Аце Коцевски се едни од најмалку платените во нашата држава, објави Алфа.
„Кандидатот за градоначалник од СДСМ за Велес, Аце Коцевски, им дава минимални плати на своите вработени во милионски вредната градежна фирма Афион. Човекот кој на митинзите тврди дека досега влезените странски инвестиции се негативни оти мизерно ги плаќаат вработените, всушност тој тоа го прави во сопствениот двор“. Ова е дел од четвртото продолжение на објавите на скандалозни документи од страна на „свиркачи“ на порталот „Џастпејстит“.
Разобличувајќи ја, како што пишуваат, вистината за милионерот ,а не скромен човек, сакаат да докажат дека Коцевски ветува подобар живот во Велес, а ни од далеку не им го овозможува тоа на 40-мина вработени Велешани во неговата Афион.
Свиркачите презентираат документи на кои јасно се гледа дека во просек, вработен во 2015 година, зел нето плата од 9 590 денари или помалку – што е близу до минималната а далеку под просечната нето плата во таа година – односно 21 522 денари.
Според документите до кои објавувачите дошле од Централен регистар, а се однесуваат на завршните сметки на Афион ДООЕЛ, пред две години фирмата остварила чист нето профит од близу 2 589 864 денари. А вкупно за сите 40 вработени и за себе како директор, Коцевски исплатил нето плата од вкупно 4 603 200 денари, односно бруто износ од 6 481 564 денари. Според направените пресметки на сопственото конто од таа сума си префрлил повеќе од половината, односно 2 589 864 денари нето годишна плата, додека на сите 40 вработени заедно – остатокот.
Доколку се направи пресметка, пишуваат свиркачите, односно се подели вкупната сума на бројот на луѓе и бројот на месеци во годината ќе се добие износот што месечно го добивал вработен – 9 590 денари.
Четири дена, откако свиркачите презентираат податоци, Коцевски ги игнорира прашањата од Алфа и не одговора на телефонските повици. Со исклучок на понеделникот, кога се закани со тужба и одби официјално да објасни.
Инаку претходните три дена свиркачите објавуваа документи за милионската вредност на фирмата Афион, за нелегално изградени објекти на плацот каде таа се наоѓа, како и за високите профити со кои располага последните 4 години.
За утре најавуваат документи со кои ветуваат оти ќе го откријат вистинското и најмрачно лице на кандидатот на СДСМ.