За Џафери нема ништо спорно што неговиот син ќе стане јавен обвинител, сензација се правeело дека е син на функционер

Собранискиот спикер Талат Џафери не гледа ништо спорно во тоа дека синот Барлет Џафери ќе стане јавен обвинител, иако имаше низа реакции за тоа како го положил правосудниот испит и на кој начин бил запишан и завршил како слушател на Академијата за судии и јавни обвинители. Џафери вели дека ниту Антикорупциската комисија не успеала да утврди злоупотреби во кариерниот напредок на неговиот син.

„Во секој случај јас сум свесен како претседател на Собранието и носител на јавна функција, сензацијата е поголема кога се работи за член на семејството на носител на висока фунција. Антикорупциска имаше постапка, запрена е таа постапка, не можело да се утврди злоупотреба од страна на мојот син. Работата на институциите е друго и тоа не го засега ниту мојот син ниту мене. Во секој случај како и секој граѓанин во оваа држава и моите деца ги уживаат истите права и можности во ова општество “, изјави Џафери.

Од Антикорупциска комисија за Канал 5 велат дека постапката за синот на Џафери е запрена, но дека во моментов истражуваат дали станува збор за изолиран случај или појава, бидејќи според нивните сознанија Барлет Џафери не бил единствениот кој се стекнал со повисок степен на образование за помалку кредити.

-Конкретниот предмет, да, заврши. Нас не ни е толку таргет Барлет Џафери, туку нас ни е таргет како фунционира целиот систем, кое службено лице му дозволило да може да полага првин правосуден испит, а потоа да брани магистратура.// Во зависност од тоа какви резулати ќе добиеме и дали ќе утврдиме дали станува збор за појава и дали има други такви кандидати, понатаму останува прашањето што ќе направи државата како да се надмине овој проблем, изјави Билјана Ивановска, претседателката на ДКСК.

За случајот со Барлет Џафери реагираа од опозицијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ ги повикаа сите надлежни институции да реагираат и согласно законските прописи веднаш да му се одземе уверението за положен правосуден испит и побараа кривична одговорност од сите инволвирани во случајот.

Од БЕСА ја обвинија Власта дека со овој случај дополнително придонесува да се намалува довербата на граѓаните во судството.

Барлет Џафери е еден од 57-те положени кандидати за судии и јавни обвинители од седмата генерација на Академијата „Павел Шатев“.

На оваа листа се и сопругата на шефот на обвинителството за гонење на организиран криминал Ислам Абази, снаата на генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова, сопругата на градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски, ќерката на пензионирата обвинителка Гордана Смаќоска, синот на поранешната обвинителка од СЈО, Елизабета Јосифоска, како и синот на судијата од скопска Апелација, Енвер Беџети.