За јакнење на финансискиот сектор во земјава, нов заем од 93,8 милиони евра од Светска банка

Светска банка ќе обезбеди заем во вредност од 93,8 милиони евра за Македонија, со цел зајакнување на фискалната позиција и финансискиот сектор во земјата, како и поддржување на нејзината зелена транзиција.

Новото финансирање е во рамки на Операцијата за развојна политика на одржливост и отпорност, одобрена денеска од Бордот на директори на Светска банка, и е во согласност со макроекономските приоритети на Македонија, според Фискалната стратегија 2024-2028 и Програмата за економски реформи 2023-2025 на Владата.

„Македонија, како и другите земји во Европа, се соочува со континуирани инфлаторни притисоци, што ги оптоварува јавните финансии во услови на монетарно затегање и зголемени трошоци за задолжување“, рече Масимилиано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светка банка за Северна Македонија и Косово.

„Со оваа поддршка, наша цел е да обезбедиме брзи финансиски средства за зајакнување на фискалната одржливост, истовремено поддржувајќи ги неопходните климатски реформи и енергетската транзиција на земјата“, изјави Масимилиано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светка банка за Северна Македонија и Косово.

Новата операција на Светска банка ги поддржува напорите за намалување на зависноста од фосилни горива на Северна Македонија преку подобрена енергетска ефикасност во јавниот сектор, зголемени инвестиции во обновливи извори на енергија и подобро собирање на податоци во врска со изложеноста на банкарскиот сектор на климатските ризици.

Реформите треба да ѝ помогнат на земјата во привлекување на околу 45 милиони евра приватни инвестиции за обновлива енергија, вклучително и инсталација на соларни панели, до 2026 година.

„Соработувавме заедно со меѓународните партнери за да се осигуриме дека нашата поддршка на политики и техничка помош се комплементарни и усогласени со агендата за пристапување кон Европската унија“, рече Сања Маџаревиќ Шујстер, виш економист за Западен Балкан при Светска банка.

„Се надеваме дека оваа соработка ќе ја зајакне посветеноста на Владата за реформи во здрави макроекономски политики и стабилност на финансискиот сектор“, додаде таа.

Заемот од Светска банка се состои од единечна транша за повлекување од 93,8 милиони евра со рок на доспевање од 11 години, вклучувајќи 4,5 години грејс период.