За Јанева и обвинителите кои примале бонуси да се поведе истрага, порача Трајанов

Освен за поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева за која се води истрага и веќе е пред судење и за сите други јавни обвинители, кои примале паушали, бонуси, што е надвор од нашиот систем и од кој било стандарди, прописи, треба да се поведе истрага. Повеќе од јасно е дека сите тие што примиле пари, а знаеле дека работат надвор од општите правила, стандарди, за тоа треба да понесат и законска, политичка и друг вид одговорност, истакна денеска претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов.

Бонусите, посочи тој, треба да бидат предмет на обвинителска истрага ако се постапувало надвор од уставот и од постојните закони. Според него, не може  претседател на Влада или на држава да прима легална плата од 1.000 или 1.200 евра, а специјален јавен обвинител, обичен обвинител или помошник на специјалниот јавен обвинител да прима 5.000 или 6.000 евра плата.

– Тоа граѓаните не го поддржуваат, затоа што и тие пари се малку, ако им дадеме повеќе тие ќе бараат да имаат јахти, да купат приватни авиони… Значи треба да бидат луѓе со висок професионален стручен интегритет за да работат во интерес на државата, на граѓаните. Не е можно ниту Катица Јанева, ниту кој било од тие јавни обвинители кои работеле со нив, и натаму да продолжат да бидат јавни обвинители, затоа што дебело навлегле во корупција, во криминал, без оглед дали таа ја покривале со некави интерни правилници, одредби од законот. Тоа е неприфатливо и треба да понесат одговорност, рече Трајанов, одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на трибината на Демократскиот сојуз насловена „Македонија на крстопат“.

Тој појасни дека ЕУ, САД и сите политички партии во државава дале голема поддршка на формирањето на Специјалното јавно обвинителство.

– Тогаш јас во Парламентот имав резерва кон ова Специјално јавно обвинителство, дека е надвор од уставниот систем, од јавно обвинителската функција, меѓутоа сите поддржавме со единствена намера да се справи со тешките облици на криминал. Наместо тоа да го направи ова Обвинителство длабоко навлезе во криминалот, во рекетот и затоа мислам дека треба да се направи стручна анализа, експертиза како функционирало Специјалното јавно обвинителство и како и на кој начин вршело влијание, селектирало случаи или креирале случаи со цел да се рекетираат познати бизнисмени, истакна Трајанов.

На прашање дали обвинителите од СЈО од морален аспект треба да ги вратат тие бонуси, како што тоа го направија од ДИК, Трајанов рече дека „сигурно тука е тој елемент – тој што се стекнал на најлегален начин со капитал, треба да го врати, тоа е конфискацијата на имот и дали тоа ќе го изведеме до крај“. За мене, посочи тој, е битно владејачките партии и Владата, да се заложат институциите да проработат самостојно и во овој случај.

– „Рекет“ е само еден пример како и на кој начин се ширел октоподот во Република Македонија. „Рекет“ како случај треба и натаму да биде предмет на анализа. Секој кој е вклучен во овој случај „Рекет“ треба да понесе одговорност. Овој случај докрај треба да се расчисти, додаде Трајанов.