За Арсенал лондонското дерби, Ливерпул тешко, Солскјер за историјата

Во дербито од 23-то коло на англиското фудбалско првенство Арсенал на својот стадион „Емирејтс“ ги победи Челзи со 2:0, остварувајќи важна победа во борбата за место кое води во Лигата на шампионите.

Победата на „Топчиите“ им ја донесоа Александр Лаказат во 14 и Лорен Косциелни во 39 минута, а ова беше само втората победа на Арселна во последните 14 првенствени дуели против Челзи. Косциелни, пак, постигна барем еден погодок во деветте сезони во Арсенал, а со вкупно 20 голови во Премиер лигата стана најефикасниот бек во историјата на клубот.

Арсенал до победата дојде во прв ред со одличната игра во првото полувреме. Во првото полувреме неговите играчи целосно доминираа и можеа да постигнат уште некој погодок, но гостинскиот голман Кепа се истакна со неколку одлични интервенции. Челзи во првиот дел имаше само една вистинска шанса, и тоа во 45 минута кога Марко Алансо ја натскокна противничката одбрана, шутираше со глава но ја погоди стативата. Во второто полувреме, Арсенал ја умртви играта, а играчите на Челзи беа немоќни посериозно да го загрозат голот на домаќините.

Арсенал сега има 44 бодови и е на петтото место, колку што има и Манчестер Јунајтед место подолу, но сега има само три бода помалку од четвртиот Челзи, и четири од третиот Тотенхем кој има и меч помалку.

Претходно во саботата водечкиот Ливерпул со многу напори дојде до 19-та победа сезонава, откако гостинскиот Кристал Палас на полувремето имаше предност од 1:0, а на средината од вториот дел и бод при резултат 2:2, но на крајот аргентинскиот голман Хулиан Сперони просто им ја подари победата на „редсите“ при постигнувањето на нивниот трет погодок.

Кристал Палас поведе во 34 минута по одличниот контранапад која на асистенција од Вилфред Заха во погодок ја претвори Андрос Таусенд. Гостите успеаја да ја одбранат предноста до крајот на полувремето, но на Ливерпул му беа потребни само осум минути во продолжението да направи пресврт. Во 46 минута израмни Мохамед Салах, а за водство од 2:1 погоди во 53 минута Роберто Фирмињо. Џејмс Томкинс успеа да израмни во 65 минута по прекин, но добрата партија на гостите ја упропасти голманот Сперони кој во 75 минута му го подари 16-от гол сезонава на Салах, Џејмс Мил не од крило ја упати топката во казнениот просто, а Сперони се сплетка и ја сврти кон својата мрежа, по што Салах само го потврди погодокот. Во 89 минута Ливерпул остана со играч помалку, откако беше исклучен Милнер, но и со десет играчи домашните ја потврдија победата во третата минута од судиското продолжение, кога реализираше Садио Мане. Поразот го ублажи во последните секунди Макс Мејер.

Ливерпул ја продолжи серијата без домашен пораз на 32 натпревара, а последниот пораз во лигата на неговиот „Енфилд“ ги доживеа во април 2017-та токму од Кристал Палас. Ливерпул сега има 60 бодови, седум повеќе од второпласираниот актуелен шампион Манчестер Сити кој во недела гостува кај слабиот Хадерсфилд. Кристал Палас сега е 14-ти со 22 бода во групата екипи кои може да бидат загрозени од испаѓање во продолжението од првенството.

Манчестер Јунајтед, пак, дојде до шестата победа во низа откако го порази Брајтон со 2:1. Пол Погба ја начна мрежата на гостите во 27 минута од пенал, а водството го удвои во 42 минута Маркус Рашфорд, додека за Брајтон преку Паскал Грос во 72 минута го намали резултатот. Оле Гунар Солскјер, така стана првиот менаџер во историјата на „Црвените ѓаволи“ кој победил во првите шест натпревари.

Победничката серија го качи Манчестер Јунајтед на четвртото место на табелата со 44 бодови, со што ги врати надежите во пласман на местата кои водат во разигрувањето за Лигата на шампионите. Брајтон е 13-ти со 26 бодови, четири повеќе од клубовите кои настојуваат да се оддалечат од опасната зона.

Саботното коло со одлична претстава го отворија Вулверхемптон и Лестер. Во мечот ја кој беа постигнати седум голови со 4:3 славеше домаќинот, а јунак на дуелот беше тројниот стрелец Диего Јота кој го постигна решавачкиот погодок во третата минута од судиското продолжение. Домашните преку Јота веќе во 12 минута имаа водство од 2:0, а првиот гол падна веќе во четвртата минута преку Рајан Бенет. Лестер потоа израмни на 2:2, со головите на Демереј Греј во 46 и автоголот на Конор Коди во 51 минута. Во 64 минута домашните повторно поведоа преку Јота, а на три минути до крајот Вес Морган повторно израмни за Лестер. По шест минути следеш третиот и победнички гол на Јота.

Со победата Вилверхемптон му ја зема осмата позиција на табелата на Лестер, и има 32 бода, еден повеќе од Лестер место подолу.

Борнмут со головите на Вилсон во 53 и Кинг во првата минута од судиското продолжение го совлада со 2:0 Вест Хем. Борнмут сега е 12-ти со 30 бодови, а Вест Хем Јунајтед остана на 31 бод, што му е доволно за десеттото место.

Несреќниот тим на Њукасл Јунајтед, кој сезонава испушти многу бодови иако пружаше добри игри, конечно беше убедлив пред своите навивачи и со 3:0 го совлада Кардиф Сити. Стрелци за домашните беа Ша во 24 и 63 и Перез во третата минута од судиското продолжение. Њукасл со оваа победа дојде до 21 бод кој го одржува на 17-то место, надвор од зоната на испаѓање, а Кардиф Сити е место подолу со два бода помалку.

Саутемптон со 2:1 беше подобар од Евертон. За домашните погодија Ворд-Проус во 50 а Диње постигна автогол во 64 минута, додека Сигурдсон намали во првата минута од продолжението. Саутемптон сега е 15-ти со 22 бодови, а Евертон се симна на 11-то место со 30 бодови.

Вотфорд и Барнли одиграа без голови, по што домашните со 32 бода се одржуваат на високото седмо место, додека гостите сена 16-то место во групата екипи со 22 бодови.

Во недела ќе се играат натпреварите Хадерсфилд Таун – Манчестер Сити и Фулам – Тотенхем.