За два часа жештината во автомобилот станува смртоносна за децата и за животните

Медиумите и социјалните мрежи со години се полни со предупредувања дека децата и домашните миленици не треба да бидат оставени во автомобилите бидејќи е опасно по живот.

Речиси 750 деца починале во последната деценија бидејќи родителите или старателите ги оставиле во затворен автомобил, кој во некои случаи дури бил и паркиран под сенка. Во Америка, годишно во просек умираат 30 деца бидејќи биле оставени во автомобилите, кои после некое време, се претвораат во „рерни“.

Децата се почувствителни на температурни промени од возрасните, полесно се загреваат и потешко се ладат. Исто така, не се во состојба да ги напуштат автомобилите ако не се чувствуваат добро.

Научниците, со помош на лекарите, пресметале дека телесната температура од 40 степени е доволна да ги поттикне сите симптоми на топлотен удар, што може да резултира со откажување на органите, оштетување на мозокот или смрт.

Експериментите биле спроведени со помош на три групи различни автомобили,, паркирани наизменично, во текот на јуни и јули во Темпе, Аризона. Имало пораст на температурата во сите возила, а научниците ги испитале сценаријата на кој начин оваа температура влијае на организмот на детето или на животното.

Временски најдолго било потребно да се загрее комбе, а најкратко, малите автомобили со темна боја. Температурите во автомобилите во просек после еден час изнесувале 46 степени, додека воланот, седиштата и предниот дел, биле уште потопли. После еден час под сенка, температурата изнесувала 37 степени.

По два часа на сонце и два часа под сенка, детето или домашното милениче, ако се оставени во автомобилот, се во смртна опасност.

-На сите ни се има случено да влеземе во врел автомобил и да не можеме да го допреме волан. Замислете тогаш како му е на нежен организам што таму седел со часови – вели климатологот Ненси Селовер од Универзитетот во Аризона.

Исходот зависи и од здравјето и од издржливоста на детето или миленичето, видот на автомобили и надворешната температура, иако пораката е, никогаш да не ги оставате сами во автомобилот.