На аеродромот во Тирана синоќа пристигна пратка од 50.000 дози на кинеската вакцина „Синовак“.
Веста преку објава на Фејсбук ја соопшти премиерот Еди Рама, додавајќи дека исто толкаво количество пристигнало и ден претходно.
За два дена добивме 100.000 вакцини од „Синовак“, со што досега во нашата земја приситигнати се 1.067.950 анти-ковид вакцини. Динамиката на вакцинација ќе продолжи да се зголемува од ден на ден, за една туристичка сезона подалеку од пандемијата. Албанија се насмевнува. Нема време за одмор – напиша Рама.
Од средината на јануари кога почна вакцинацијата против Ковид-19 имунизирани се над 900.000 лица. Освен со кинеската, во Албанија се вакцинира и со „Фајзер“, „АстраЗенека“ и „Спутник В“.
Министерката за здравство Огерта Манастирлиу, пак, најави дека ќе почне вакцинација на лица под 57-годишна возраст и оти во меѓувреме без проблем се спроведува процесот на вакцинација во затворите.
Како што соопшти таа, во изминатите пет дена нема починати како последица од Ковид-19.