Извршниот директор на Агенцијата за граѓанска регистрација на Косово (АРЦ), Блерим Цамај, вели дека 116 илјади граѓани поднеле барање до АРЦ за да добијат пасош во изминатите два месеци, од стапувањето во сила на визната либерализација за граѓаните на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Цамај за порталот „Економија онлајн“ изјави дека во овој период и српските граѓани на северот од земјата покажале зголемен интерес за добивање биометриски пасош и од 1 јануари досега имало над 1.400 граѓани од северните општини кои аплицирале и добиле пасош. Вкупно, во четирите северни општини населени со мнозинско српско население, со косовски пасоши досега се снабдиле околу седум илјади лица.
Директорот на АРЦ ги негира тврдењата дека има недостиг на материјали за издавање пасоши, но вели дека одвреме-навреме се појавувале проблеми.
-Побарувањата се зголемуваа, сега ситуацијата веќе почна да се стабилизира од крајот на февруари. Во месец јануари имаше околу 71.000 граѓани кои поднеле барање за пасоши, а во месец февруари околу 45.000 граѓани, изјави Цамај.