Четворица дрвокрадци од селото Долна Бањица, како и двајца гостиварци се осомничени дека за две години исекле над 700 дрва, или околу 180.000 метри кубни дрво, информираше МВР.
Станува збор за А.А.(43), А.Ќ.(26), А.Џ.(30) и А.Е.(25) од Долна Бањица, како и И.И.(43) и У.М.(23) од Гостивар. Проив нив се поднесени кривични пријави за пустошење на шума, кражба, поттикнување и соизвршителство во врска со пустошење на шума и кражба.
Според полицијата, на 02.06.2018 година на локалниот пат село Сушица- Гостивар полициски службеници забележале четири возила натоварени со огревни дрва. Две возила побегнале, додека во останатите две возила, кои биле управувани од А.А. и И.И., а У.М. бил совозач, биле пронајдени и одземени дабови дрва, за кои истите немале соодветна документација. Во близина на местото на настанот било сопрено и патничко возило, управувано од А.Е., кој ги известувал осомничените за присуството на полицијата и вработени во ЈП „Македонски шуми”.
По преземени мерки, било утврдено дека во периодот од 2016 година до 02.06.2018 година во атар на село Сушица, кај место викано ,,Клен-Стража Лакавица”, А.А., А.Ќ., А.Џ. и И.И. извршиле бесправна сеча на 762 дабови стебла со вкупна дрвна маса од 178.987 метри кубни, која потоа ја продавале на други лица, со што се стекнале со противправна имотна корист од 1.517.001 денари, а на штета на ЈП „Македонски шуми”.
Во наведениот период А.Е. патролирал во близина на наведената локација и ги известувал за присуството на полициски службеници и вработени во ЈП „Македонски шуми”, додека У.М. , од страна на И.И. бил ангажиран за утовар и растовар на бесправно исчените дабови дрва.