Вредноста на рускиот извоз во Европа минатата година падна за 68 отсто на 84,9 милијарди долари (77 милијарди евра), соопшти руската царинска управа, пренесува француската новинска агенција АФП.
Извозот во Азија, која ја замени Европа како главен потрошувач на руски енергетски производи, се зголеми за 5,6 отсто на 306,6 милијарди долари.
По рускиот напад на Украина, земјите од ЕУ нагло го намалија увозот на руски енергетски производи. Русија потоа почна да ги зајакнува врските со другите земји, особено со Кина. Според кинеските власти, вредноста на трговската размена меѓу овие две земји минатата година достигна рекордни 240 милијарди долари.
Минатата година трговскиот суфицит на Русија се намали за 58,5 отсто на 140 милијарди долари.
По воведувањето на западните санкции, Русија престана да објавува статистики, поради што западните статистичари често се потпираат на податоците од нивните трговски партнери.