Зa една недела 97 смртни случаи од ковид-19

Во изминатата недела се регистрирани 11.610 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, со зголемување од 4,5 отсто во однос на претходната недела. Просечниот процент на позитивност изнесува 29,1 отсто.

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од  17 до 23 јануари тестирани се 39.289 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2. Во однос на претходнот период забележано е намалување за 15,6 отсто.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје вкупно 6.045 или 52,6 отсто, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Крушево – 1.127,9/100.000. Процентот на позитивност се движи од 23,6 отсто до 34,4 отсто или просечно 29,1 отсто.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапени се возрасните групи на лица на возраст 30-39 години  23,4 отсто и 40-49 години  20,9 отсто. Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години 2,3 отсто. Се забележува зголемување на бројот на заболени кај скоро сите возрасни групи со најголемо зголемување кај возрасната група над 0-9 години со зголемување од 30,9 отсто и возрасната група 60+ со зголемување од 17,1 отсто во однос на претходната недела. Се регистрира намалување на бројот на заболени кај возрасните групи од 10-19 години (-15,3 отсто) и 20-29 години (-18 отсто) во однос на претходната недела.

Со статус „оздравени“ се стекнале 7.627 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.

Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 1.559 реинфекции, со зголемување од 25 отсто во однос на претходната недела.

Пријавени се 97 смртни случаи во 20 градови во текот на изминатата недела, за 76,4 отсто повеќе во однос на претходната недела. Најголем дел од нив се од Скопје (38). Во однос на возраста, најголем број (85) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (8), 40-49 години (2) и 30-39 години (2).

Заклучно со 22.01.2022, во земјава се вакцинирани  вкупно 864.759 лица со барем една доза на вакцина против COVID-19 во државата и странство . Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 841.143 лица, а со трета доза се вакцинирани 122.752 лица.