За една недела околу три милиони нови случаи на коронавирус

Минатата недела ширум светот беа пријавени околу три милиони случаи на инфекција со коронавирус и над 55.000 смртни случаи што е зголемување за 10 проценти во бројот на заразени, и три проценти во бројот на починати во однос на претходните седум дена, соопшти СЗО.

Претходно, смртноста се намалуваше повеќе од два месеци.

Од 5 до 11 јули регистрирани се 2.996.465 заразени лица и 55.830 смртни случаи ширум светот. Заклучно со 11 јули имало вкупно 186.240.393 заразени и 4.027.861 смртни случаи.

Најголем број заразени лица за една недела во СЗО е пријавен од Бразил (333.030). Следуваат Индија (291.789), Индонезија (243.119), Велика Британија (210.277) и Колумбија (174.320). Најголема инциденца е забележана на Британските Девствени Острови (2.497 нови случаи на 100.000 жители), Сејшелите (763), Кипар (673), Џерси (628) и Фиџи (490).

Инциденцата во текот на неделата е намалена во Америка (за 3 проценти). Во исто време, раст е регистриран во Источен Медитеран (за 25 отсто), Европа (за 20 отсто), Југоисточна Азија (за 16 отсто), Западен Пацифик (за 15 отсто) и Африка (за пет проценти). Смртноста особено се зголеми во Африка (50 отсто) и Југоисточна Азија (26 отсто). Значителен пад на бројот на смртни случаи е забележан во Америка (за 11 отсто).

Во Европа, повеќе од 653.000 луѓе се заразиле за седум дена и скоро 7.000 починале. Повеќе од 962.000 новозаразени се пријавени во Америка, и повеќе од 23.000 смртни случаи. Во Југоисточна Азија, лекарите идентификуваа повеќе од 712 000 заразени, а повеќе од 14.000 луѓе починаа.

Според билтенот на СЗО, позаразната Делта мутација на коронавирусот од 6 до 13 јули се проширила од 104 на 111 земји.