За ЕУ се неприфатливи едностраните забрани од Полска и Унгарија за увоз на украинско жито

Едностраните трговски акции на земјите-членки на Европска Унија се неприфатливи, изјави вчера портпаролот на Европската комисија, откако Полска и Унгарија забранија увоз на жито и други земјоделски производи, со цел да го заштитат националниот земјоделски сектор.
-Свесни сме за мерките што ги објавија Полска и Унгарија за забраната за увоз на жито и други земјоделски производи од Украина. Во овој контекст, важно е да се нагласи дека трговската политика е исклучива надлежност на ЕУ и затоа едностраните дејствија се неприфатливи, изјави портпаролот на ЕК.
Унгарскиот министер за земјоделство Иштван Наѓ денеска изјави дека Унгарија привремено го суспендира увозот на жито и други прехранбени производи од Украина.
-Владата е посветена на застапување на интересите на унгарската земјоделска заедница, поради што, во отсуство на значајни мерки на ЕУ, привремено го забранува увозот на житарки и маслодајни семиња со потекло од Украина, изјави Наѓ.
И Полска забрани увоз на жито и друга храна од Украина со цел да го заштити својот земјоделски сектор.
-Полската забрана за увоз на жито и други прехранбени производи ќе се применува и за нивниот транзит низ земјата, изјави денеска полскиот министер за развој и технологија, Валдемар Буда.
Украинскиот министер за аграрна политика и храна, Микола Солски, вчера изјави дека забраната на Полска е во спротивност со билатералните извозни аранжмани и повика на разговори за решавање на проблемот.
Откако некои од украинските црноморски пристаништа беа блокирани како резултат на руската инвазија врз Украина, огромни количини украинско жито заврши во земјите од Централна Европа, од каде требаше да биде транспортирано до земјите во развој. Но, откако ЕУ ја укина царината за украинското жито, истото се најде на пазарите на земјите-членки на Унијата. Украинското жито е поевтино од она што се произведува во ЕУ што негативно влијае врз цените и продажбата на локалните земјоделски производи.