Владејачките германски демохристијани оценија во понеделникот дека развојот на ситуацијата во Авганистан претставува најголемото фијаско во историјата на Северноатлантскиот воен сојуз, а канцеларката Ангела Меркел изјави дека одлуката за повлекување на своите единици од земјата САД ја донеле поради внатрешнополитички причини.
„Повлекувањето на американските трупи го предизвика домино ефектот кој доведе до пад на авганистанската влада, пораз на авганистанската војска и до тоа талибаните да ја преземат власта“, изјавила канцеларката Ангела Меркел на затворениот состанок на претседателството на нејзината Христијанско-демократска унија (CDU), пренесуваат германските медиуми.
Нејзиниот наследник на челната позиција во CDU и канцеларски кандидат на септемвриските избори, Армин Лашет, рекол дека ситуацијата во Авганистан е „тотално неизвесна“ а кризата во оваа земја ја нарекол „најголемото фијаско“ во историјата на НАТО, додале изворите.
Меркел предупредила дека настаните во Авганистан би можеле да предизвикаат ново движење на бегалци и истакнала дека тежиштето на помошта за овие луѓе би требало да се сосредоточи на тоа тие да остана во регионот, близи нивната татковина.
„Многумина ќе се обидат да ја напуштат земјата. Мораме да сториме сѐ што е во нашата моќ за да им помогнеме на соседните земји во прифаќањето на бегалците“, рекла Меркел.
И Лашет истакнал дека „не смее да се повтори 2015-та“, алудирајќи на незапаметениот дотогаш прилив на мигранти и бегалци во Германија таа година, што предизивка и следните години пад на рејтингот на демохристијаните. Генералниот секретар на CDU, Паул Зјемјак, рекол дека проблемите на Авганистан „нема да може да се решаваат со миграција во Германија“.
Меркел, исто така, на состанок рекла дека е „потресена“ од развојот на настаните во Авганистан. „За многумина коишто ги полагаа надежите во напредокот и слободата, а притоа во прв ред мислам на жените, ова се тешки момнети“, рекла канцеларката.
Владата во Берлин планира од Кабул да евакуира околу 10.000 луѓе, вклучително и локален персонал, адвокати и активисти за човекови права коишто стравуваат од одмаздата на талибаните.