За граѓаните 2023 беше тешка година, според експертите, најтешките денови се зад нас

Ниски примања, високи трошоци. Годината што измина тетовчани, ја оценуваат како мошне тешка, особено пензионерите. Очекуваат новата да биде подобра, иако дел од нив скептични.

„Народот е се посиромашен и посиромашен, а семејниот буџет е се послаб“. „Слаби плати слаби пензии“. „Тешка година, тешка. Па, економски“. „Чекаме пензија до пензија. Ако нешто успееме да остане малку за не дај боше“. „Ептен многу тешко, па да видиме, макар што не сме могу оптимисти“.

Според економистот и професор, Абдулменаф Беџети, најлошото е зад нас, гледано од макроекономски аспект, инфлацијата се стабилизира. Очекува 2024 да биде подобра, но, тој додава дека парите стануваат сѐ поскапи, а во земјава ќе продолжи недостатокот на работна сила.

„Ќе продолжи парите да бидат скапи и поради ставот на централните банки затоа што ги држат каматните стапки прилично високо. Тоа е моментално ризикот за идната година, кој може да го предизвикува и инвестициите и потрошувачката. Во целина мислам дека во Македонија ќе се соочиме со веќе препознатлив предизвик а тоа е недостаток на квалитет на работна сила и човечкиот капитал отпаѓа од ден на ден“,изјави Беџети.

Беџети вели дека ќе треба да се изнаоѓаат решенија.

„Интензитетот на почачување на платите е за поздравување, но тоа не се следи со продуктивноста и оттука може да биде инфлаторен проблем ако продолжи само растот на платите. Се покажа дека профитот на компаниите беше на прво место којшто акцелерира покачување на инфлацијата“, додава тој.