Меѓународниот кривичен суд (ICC) во Хаг ги осуди во средата доцна вечерта „невидените“ и „неприфатливи“ санкции кои Вашингтон претходно во средата ги воведе за обвинителката на овој суд, Фату Бенсуда, која сака да истражи дали американските сили сториле воени злосторства во Авганистан.
„Судот ги осудува економските санкции кои САД претходно денеска ги воведоа за обвинителката на судот и за член на нејзиниот кабинет. Ваквиот чин на присила насочен против меѓународна правосудна институтција и нејзин функционер сѐ уште не е виден и претставува сериозен напад врз овој суд, врз системот на меѓународното кривично правосудство и владеењето на правото воопшто“, се наведува во соопштението на трибуналот.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео извести дека САД на „црната листа“ ги ставиле обвинителката Фату Бенсуда и Факисо Мочочоко, шеф на одделот за надлежност, комплементарноста и соработка на судот. Нивните евентуални имоти во САД ќе бидат блокирани и ќе им биде оневозможен пристап до американскиот финансиски систем.
Трибуналот во март донесе одлука да одобри започнување истрага за воено злосторство и злосторстви против човечноста во Авганистан. Американкиот претседател Доналд Трамп во јуни, следејќи ја повеќедецениската практика на Вашингтон американските сили да бидат изземени од колективните меѓународни судови за воени злосторства, одобри воведување економски санкции поради одвраќање на судот да гони американски војници поради нивна вмешаност во војната во Авганистан.
Истрагата која сака да ја спроведе обвинителката Бенсуда би се занимавала со потенцијални злосторства на американската војска во Авганистан. Покрај тоа, постојат и обвинувања против американската Централна разузнавачка агенција (CIA) за злоставувања.
„Решително ги одбивам овие невидени и неприфатливи мерки против меѓународна организација втемелена на договори“, изјави претседателот на Собранието на земјите членки на судот, судијата О-Гон Квон.
„Американските санкции само ќе ги ослабат нашите заеднички напори во борбата против неказнувањето на масовните злосторства“, додаде Квон најавувајќи скорешен состанок на својот кабинет на кој ќе ги „проучи мерките“.