Литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис и шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлиќ Радман денеска во Вилнус истакнаа дека е важно да се продолжи со силната поддршка за Украина, јавија дел од хрватските медиуми.
Двајцата ги осудија „незаконските референдуми во окупираните подрачја на Украина и одлуката на Русија незаконски да ги припои“, наведуваат медиумите.
Според нив, важно е да се одржат единството и солидарноста при решавањето на енергетските прашања и зголемувањето на целосната стратешка отпорност на Европската унија.
Пред својот колега, Грлиќ Радман ги изнесе хрватските ставови за неодамнешните избори во Босна и Херцеговина.
Се зборуваше и за ситуацијата на Западен Балкан, а Грлиќ Радман изјави дека е важно западно балканските земји да покажат резултати во развојот на добрососедските односи и усогласувањето на нивните политики со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија.