Сценариото насловено „ставање на државните интереси над партиските” деновиве реално се одигра во Македонија. Попаметниот попушта тогаш кога ќе сфати дека е попаметно да се попушти. СДСМ пак, никако да излезат од инфантилното ниво на функционирање што се сведува на „или ќе биде по мое или не играм”. Сериозни луѓе, изградени личности и добронамерни политичари така не размислуваат. Сепак, зад ваквото навидум инфантилно дејствување на СДСМ се крие односно веќе се откри добро смислена агенда.
Јасно е дека извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија е многу, многу поважен од извештајот за 24 декември. Воедно, со речиси изнуденото потпишување на договорот за 24 декември, владејачката партија и ја затвори и устата на Грција, која што во детали го следеше, а потоа и го коментираше развојот на настаните во Македонија по 24 ти декември, со цел уништување на меѓународниот углед на земјата, особено во рамките на организациите каде што не’ блокираат – НАТО и ЕУ.
Инцидентите што СДСМ ги правеше во и вон Парламентот, јужниот сосед ги користеше во континуитет за да ја оцрни Македонија, тврдејќи дека државата има демократски дефицит и дека не ги исполнува критериумите за старт на преговорите со ЕУ, а во истиот контекст информираа и за неможноста да се донесе договорот за 24 ти декември.
Случајно или сепак намерно, веднаш откако СДСМ почнаа да блокираат, кршат и тепаат низ Собранието, Грците ги брифираа грчките медиуми дека имаат план за „успешно справување со прашањето со Скопје“, а тоа била внатрешно-политичката состојба во земјата. Инаку „успешно справување со прашањето со Скопје“ за Грците значи Македонија да се држи надвор од евро-атлантските структури, а уште поголем успех за Грците е Македонија и воопшто да не добие позитивен извештај од Европската Комисија, за тие барем еднаш да не се најдат во улогата на уценувачи и држава која што дејствува спротивно на меѓународното право. А најуспешно сценарио за нив би било СДСМ да дојде на власт за заеднички да зададат уште еден удар врз македонскиот идентитет и име, односно да ја завршат работата што заеднички ја почнаа во деведесеттите, со прифаќањето на срамната референца ФИРОМ и продавањето на знамето.
Очигледно, СДСМ и јужниот сосед споделуваат доста теми од заеднички интерес. Па не случајно шефот за односи со јавност од грчката канцеларија за врски во Македонија неколку пати е виден во седиштето на опозициската СДСМ. Можеби ги договарале деталите околу претставата „СДСМ ќе прави хаос, Грција ќе не плука, ЕУ ќе подготви негативен извештај“.
А можеби и ги пеглале идентичните ставови и околу проектот „Скопје 2014“. Еве во последното издание на грчкиот весник „Катимерини“ има репортажа за проектот „Скопје 2014-та“, во која го оценуваат како националистички, срамен и смешен. Во репортажата која има единствена цел, а тоа е да се „плука“ врз спомениците на македонските херои и останатите македонски симболи, грчкиот весник секако се повикува на изјавите на двајца членови на СДСМ, Мирослав Грчев и Слободан Унковски. И после некој ќе каже немале заеднички ставови и интереси. Имаат и тоа многу.
Да немаа, СДСМ наместо да плука по спомениците на македонските херои, за промена ќе одржеше една прес-конференција на која што ќе ги осудеше инцидентите што „Златна Зора“ ги прави на граница. Ама молчи Самарас, молчи и СДСМ. Голем срам за СДСМ е тоа што грчката опозиција реагираше и излезе со осуда, а тие си ќутат. Си ќутат затоа што доброто на граѓаните и на државата ниту им било, ниту пак некогаш ќе им биде во фокусот.
Марк Твен рекол „Никогаш не се расправај со глупави луѓе, затоа што ќе те симнат на нивното ниво и таму ќе те победат со искуството што го имаат“.
Можеби и СДСМ се надеваа дека ќе ги повлечат своите политички опоненти долу, во нивното себично ниво на постоење, што ќе резултираше со недонесување на извештајот, а штетата ќе ја трпеа граѓаните на Република Македонија. Но, ним граѓаните не им се воопшто важни, всушност никогаш и не им биле.
На СДСМ не и беше важен ни буџетот, важно им беше да прават хаос. Не им беше важна ни содржината на извештајот за 24 декември, бидејќи тие не навиваа за извештај во нивна полза, туку се надеваа дека извештајот воопшто и нема да се донесе, па процесот ќе остане блокиран. Им беше важно потоа Македонија да добие негативен извештај од Европската Комисија, па да почнат со броењето на замислените политички поени на свое конто кои што планираа да ги стекнат преку за нив карактеристичната пропаганда и реторика составена од бескрајно повторување на исти фрази дека поради оваа Влада сме добиле негативен извештај, па дека земјата ја носеле во изолација и дека ова било диктатура …и сето тоа додека Самарас задоволно ги трие рацете.
Поради траумата од последниот доживеан срамен пораз на локалните, СДСМ изгледа дека уште долго ќе се плаши од избори како ѓаволот од крст. Па кога веќе не можат поради друго, нека се обидат за миг да се почувствуваат како победници поради изнуден извештај, ама само за миг, зошто во оваа игра во која тие настапуваат за грчката репрезентација, партијата на Груевски повторно ги стави во шах мат позиција и прогласи победа, за Македонија.