Желбата за формирање палестинска држава „не е реална во овој момент“, изјави во понеделникот израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар на прес-конференција одржана во Ерусалим.
„Дали да ви одговорам со еден збор? Не“, одговори Саар на прашањето за изгледите за рестартирање на т.н. Араамови договори по изборот на Доналд Трамп за претседател на САД и можноста за нормализирање на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија во замена за создавање палестинска држава.
Споменатите договори, кои ги промовираше Трамп за време на неговиот прв претседателски мандат, овозможија нормализирање на односите меѓу Израел и неколку арапски земји – Бахреин, Обединетите Арапски Емирати и Мароко.
„Палестинска држава (…) би била држава на Хамас. И мислам дека таков проект денес не е реален и ние мора да бидеме реални“, додаде Саар.
Ова израелскиот министер го изјави во говорот одржан по повод почетокот на вонредниот самит во Ријад на членките на Арапската лига, пан-арапска организација која собира 22 земји и Организацијата за исламска соработка (OIC), панисламска организација која собира повеќе од 50 муслимански земји.
Според официјалната саудиска новинска агенција SPA, учесниците на самитот ќе разговараат за „продолжувањето на израелската агресија на палестинските територии и Либан“, додека Ријад се залага за нов „меѓународен сојуз“ чија цел е промовирање на воспоставување независна и суверена палестинска држава.
На прес-конференцијата Сар потсети на мировниот процес во Осло кој започна во 1990-те. Тој процес и едностраното израелско повлекување од Појасот Газа во 2005 година „не само што (…) не донесе мир, туку, како што видовме, ја загрози нашата безбедност“, рече министерот.
Хамас ја презеде власта во Газа во 2007 година, по повлекувањето на Израел, а сега „не сакаме тоа да се случи во Јудеја и Самарија“ (името што Израелците го користат за Западниот Брег, кој Израел го окупираше по 1967 година), рече Саар.
На првата прес-конференција одржана откако ја презеде новата функција пред неколку дена, Саар смета дека е важно да потсети дека, за разлика од ОН, Израел не ги смета „Јудеја и Самарија за окупирани територии, туку за спорни територии“.
Меѓу трите милиона Палестинци, таму живеат неколку стотици илјади еврејски доселеници во новоизградени населби коишто меѓународната заедница ги смета за нелегални.