Од полноќ Украина ќе ги смета бродовите кои пловат во Црното Море кон руските пристаништа како превезувачи на воен товар, објави во четвртокот украинското Министерство за одбрана на својот Telegram канал.
„Министерството за одбрана на Украина предупредува дека од 00,00 часот на 21-ви јули 2023 година, сите бродови што пловат во Црното Море во правец на пристаништата на Руската Федерација и украинските простаништа кои се на привремено окупираните територии, може да се сметаат како транспорт на воени товари со сите соодветни ризици“, се наведува во објавата од Киев.
Украинското Министерство за одбрана, исто така, ја прогласи за ризична пловидбата во областите во североисточниот дел од Црното Море и Керченскиот теснец кон Азовското Море од четвртокот, објавувајќи соодвети упатства за навигацијата во двата акваториума.
По оваа објава, пратеникот во руската Државна дума од Севастопол, историското седиште на руската Црноморска флота, Дмитриј Белик, исто така на Telegram објави дека таквите постапки на украинските власти ги покажуваат нивните „гнев и очај“. Според него, тоа е поради тоа што Русија „јасно дала до знаење“ дека Киев повеќе нема да добива воена опрема преку ткн „житниот коридор“.
Откако на почетокот од седмицава Москва објави дека поради долгото неисполнување на ниедно од нејзините барања произлезени од ткн „договор за жито“ за извоз на житарки од украинските црноморски пристаништа, во средата руското Министерство за одбрана порача дека сите бродови кои ќе пловат кон украинските пристаништа ќе се сметаат за потенцијални превозници на воени товари. Земјите под чии знамиња пловат тие бродови ќе се сметаат како директни учесници во војната во Украина, додаде Москва.
Министерството, исто така, прогласи некои области во северозападниот и југоисточниот дел на меѓународните води на Црното Море за привремено опасни за пловидба.
Подоцна во четвртокот рускиот амбасадор во Вашингтон, Анатолиј Антонов, порача дека Русија нема намера да ги напаѓа цивилните бродови во Црното Море, откако САД изнесоа такво тврдење.
Коментирајќи го предупредувањето на Москва дека бродовите кои пловат кон црноморските пристаништа ќе ги смета дека потенцијално пренесуваат воен товар а земјите под чиишти знамиња пловат за директни учесници во војната, Белата куќа изрази загриженост дека Русија може да ги прошири своите напади врз украинските силоси и цивилниот транспорт.
„Длабоко сме загрижени околу она што сега го гледаме во Црното Море“, изјави Оливија Далтон, задолжена за медиумите во Белата куќа, наведувајќи дека веќе три дена траат руски напади врз пристанишните градови.