Портпаролот на кинеската амбасада во Вашингтон коментирајќи го извештајот на американската разузнавачка заедница за потеклото на новиот коронавирус го оцени како „ненаучен“, пренесува во саботата весникот South China Morning Post.
Во документот кој во петокот беше објавен на веб-страницата на Канцеларијата на директорот на Националното разузнавање на САД) (ODNI), што е најнова процена на американската разузнавачка заедница за потеклото на вирусот SARS-CoV-2 од која е симната ознаката за доверливост, повторно се изнесуваат две основни верзии, односно за природното и за лабораториското потекло на коронавирусот. Но ниту едната не е преферирана, а покрај тоа американското разузнавање вели дека коронавирусот не е создаден како биолошко оружје и оти не е генетски модифициран за што кинеските власти однапред не знаеле. Се повторува и поранешното уверување дека „веројатно“ вирусот се проширил по инцидент во лабораторија во Институтот за вирологија во Вухан, мислење дадено од една од 18-те американски разузнавачки агенции.
„Таканаречената ‘процена за потеклото на Covid-19’, објавена од американската разузнавачка заедница, е целосно ненаучна. Таа само ќе ја поткопа научно заснованата студија за потеклото (на вирусот) и ќе ги попречи глобалните напори за пронаоѓање на изворот на вирусот“, изјавил портпаролот Лиу Пенгуи.
Дипломатот го истакна и фактот дека САД сѐ уште одбиваат да одговорат на сомнежите во меѓународната заедница за воената лабораторија во Форт Детрик и повеќе од 200 бази во странство каде што наводнос се изведуваат „биолошки експерименти“. На овој начин, според Лиу Пенгуи, американската страна „се обидува да ја сокрие вистината и да избегне одговорност“.
Избувнувањето на досега непознатата епидемија беше регистрирана во десетмилионскиот град Вухан во централната кинеска покраина Хубеи во декември 2019 година. Стручњаците открија дека причината за тоа е новиот тип на коронавирусот означен како SARS-CoV-2. Болеста којашто вирусот ја предизвикува означена со Covid-19 наскоро се прошири и надвор од континентнална Кина, а на 11-ти март 2020 година, Светската здравствена организација (СЗО – WHO) прогласи глобална пандемија, прват по речиси еден век но според нови параметри.
И покрај сите напори на научници и лаборатори ширум светот, досега не е утврдено потеклото на SARS-CoV-2. Експертите на СЗО кои го посетија Вухан, а некои од нив се жалеа на ограничен пристап до документацијата, претходно во годинава презентираа неколку верзии на извештајот. Поточно, тие сметаат дека истекувањето од лабораторија е „исклучително малку веројатно“, и според нив коронавирусот „најверојатно“ е пренесен на луѓето од лилјаците во кои живее со илјадници години преку друго животнот вклучено во синџирот на традиционалната исхрана.