Зајкова упати повик за смирување на страстите и обединување на редовите на ЛДП

Конкретна стратегија за подобри резултати со повеќе влијание во локална самоуправа од претходно и подготвено да се влезе во локалните избори наредната година. Тоа се дел од заклучоците кои произлегоа од средбите помеѓу претставници од општинските организации во Источна Македонија и раководството на Либерално-демократската партија, предводено од претседателката Моника Зајкова, соопшти партијата.

-Има политички предлози, има организациски предлози, има предлози и за кандидати за градоначалници и советници, а има и такви кои повикуваат на предвремен конгрес. Овие последните се како обично, побучни и без конкретен предлог како тоа се прави во развиените демократии, најчесто заради лични, а не колективни интереси – посочи Зајкова.

Таа додава дека треба да се водиме од колективниот и партиски интерес, а тој е подобри политики за граѓаните и подобри резултати.

-За разлика од малкумина бучни, мнозинството, потивките, се оние кои излегуваат со политички предлози, и тоа јасно либерални и идеолошки закотвени. И понекогаш, добро е да бидат потивки, затоа што мора да бидеме внимателни, веќе им прејде во навика на поголемите партии да прават copy&paste на наши предлози – истакна Зајкова и повторно упати повик за смирување на страстите и обединување на редовите.