Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, кој беше во посета на компанијата Киел Македонија ДООЕЛ Желино, на прашањето дали не му е незгодно што ја побарал апанажата, кажа дека се е според закон.
„Јас бев претседател на Владата во исклучително тешко време, својата функција ја обавував согласно законот на РСМ, согласно законот за Влада и согласно законот за избори поднесов оставка. Сите одлуки коишто се носени после тоа во однос на примањата на функционери кои извршувале такви функции се направени согласно законот. Сметам дека сите треба да ги почитуваат законите и токму како резултат на законите коишто се почитуваат имаме зголемување на просечната и минималната плата во односн на 2016 и 2017 година. Тоа не се коментира, тоа е законско решение“, рече Ковачевски.
На забелешката дека апанажата ако не се побара, нема да се добие, тој кажа дека нема свои компании, иако бил обвинуван дека има.
„Јас бев обвинуван дека сум имал свои компании, тоа опозицијата постојано го истакнуваше, но се потврди, дека јас немам свои компании, а тоа било лага“, кажа Ковачевски.
„Мандатот на претседател на Влада и на членови на Влада завршува на сто дена пред избори, што значи било кој министер и претседател на Влада, согласно законот е поднесена оставката, таа е заради исполнување на законската обврска мандатот на престане на 100 дена од одржување на изборите. Со тоа завршува мандатот, било кој да бил претседател на владата, неговиот мандат завршува на сто дена пред избори“, објасни Ковачевски.
Според него треба да следува апанажа, за да може да се искористи одреден временски период да се направи трансфер во кариерата.
„Доколку некој извршувал општествена функција треба да следува апанажа да може да искористи одреден временски период својата кариера да ја насочи кон некоја друга. Не би сакал да давам популистички изјави дека нешто не треба да се прави, затоа што таа се прави за многу избрани и именувани функционери. Има луѓе што седат четири години во Парламент и после тоа ако не се веќе дел од Парламентот треба да направат трансферн на својата кариера во некоја друга област“, одговори Ковачевски.