Кремљ во понеделникот реагираше дека изјавата на челникот на НАТО, Јенс Столтенберг дека воената алијанса води разговори за распоредување повеќе нуклеарно оружје и негово ставање во состојба на боева готовност значи „ескалација на тензиите“.
Столтенберг во понеделникот за британскиот весник The Telegraph изјави дека во НАТО се дискутира за распоредување поголемо количество нуклеарно оружје, за нивно вадење од складиштето и ставање во состојба на готовност со оглед на наводната растечка закана од Русија и Кина. Тој рече дека членките на НАТО разговараат за користење на транспарентноста за нивниот нуклеарен арсенал како одвраќање.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека коментарите на Столтенберг се во спротивност со контекстот на декларацијата објавена на конференцијата викендов во Швајцарија во која се вели дека секоја закана или употреба на нуклеарно оружје, кога станува збор за Украина, е неприфатлива.
„Она што го кажа г-дин Столтенберг (за можноста за ставање на нуклеарното оружје на НАТО во состојба на борбена готовност) очигледно не се вклопува во контекстот на истата декларација што беше усвоена еден ден претходно и којашто, исто така, не ја потпишаа сите учесници, ако не се лажам, за недозволивоста на таквата реторика“, им рече Песков на новинарите.
Портпаролот на рускиот претседател потсети дека кога претседателот Владимир Путин зборува за нуклеарно оружје, „тој одговара на нечии прашања, тој не зборува за тоа самоиницијативно и е внимателен на ова прашање“.
Конференцијата во Швајцарија беше најавена како „мировен самит“, иако Москва не беше поканета.
„Ова е уште една ескалација на тензиите“, рече Песков, коментирајќи ги изјавите на генералниот секретар на НАТО.
НАТО подоцна се обиде да ги разјасни изјави на Столтенберг, додавајќи дека нема значителни промени во неговата позиција за нуклеарното оружје.
„НАТО е посветена да гарантира безбедно и ефективно нуклеарно одвраќање. За таа цел, во тек е програма за модернизација која ќе овозможи замена на старото оружје и авиони. Покрај тоа, нема значителни промени во нашата програма за нуклеарно одвраќање“, се обиде да објасни портпаролката на НАТО, Фарах Даклала.