Во Кремљ внимателно го разгледуваат планот за запирање на војната во Украина што минатата седмица го претстави Кина, но дека засега не постојат условите коишто се неопходни за мирно решение, изјави во понеделникот портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
„Сите обиди да се разработат планови коишто ќе помогнат конфликтот да премине во мирен курс заслужуваат внимание. Кон планот на нашите кинески пријатели се однесуваме со големо внимание. Кога станува збор за деталите, се разбира, тие треба да бидат предмет на внимателна анализа, земајќи ги предвид интересите на страните“, изјави Песков на редовниот дневен брифинг со новинарите акредитирани во Кремљ.
Портпаролот на Кремљ притоа посочи дека таквата процена претставува долг и напрегнат процес.
„Засега не гледаме премиси дека оваа ситуација може да тргне по морен пат. Специјалната воен операција (во Украина) продолжува“, истакна Песков.
Кина во петокот, точно на годишнината од почетокот на војната, објави документ од 12 точки повикувајќи ги Русија и Украина на мировни преговори. Москва и Киев засега со задршки реагираа на предлогот од Пекинг.
Украинскиот претседател Володомир Зеленски оцени дека е „потребно да се работи“ со Пекинг за да се најде решение за конфликтот. Зеленски рече дека наскоро планира да се сретне со кинескиот претседател Кси Џинпинг.
Руското министерство за надворешни работи соопшти дека ги „цени“ кинеските напори, но и дека инсистира на тоа да се признае присоединувањето на четирите југоисточни украински региони со руско население на Русија, што за Киев и Западот е нелегално руско анектирање на украинска територија.