Наглото зголемување на гласовите во полза на актуелната проевропска претседателка на Молдавија, Маја Санду, ноќта кон понеделникот по изборите и референдумот одржани во неделата е „тешко да се објасни“, изјави на редовниот бифинг со новинарите акредитирани во Крамљ, портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
„Показателите што сега ги гледаме, кои ги следиме, и динамиката на нивните промени, се разбира, покренуваат многу прашања“, нагласи тој.
Песков истакна дека Кремљ забележал „механичка, необјаснива стапка на зголемување на гласовите во полза на Санду и во полза на оние учесници на референдумот кои зборуваат за ориентација кон Европската унија“.
„Секој набљудувач кој има најмало разбирање за суштината на политичките процеси може да ги открие овие аномалии со зголемувањето на тие гласови“, додаде портпаролот на Кремљ..
Песков рече и дека на молдавската опозиција ѝ е одземена можноста да учествува во изборната кампања. Според него, политичарите биле прогонувани, затворани, испрашувани и не дозволувале да влезат во земјата. Дополнително, властите ја блокираа работата на голем број медиуми и интернет ресурси.
Пред гласањето, молдавските власти на социјалните мрежи ги блокираа сите профили на медиуми и организации и изворите на интернет за кои рекоа дека наводно содржеле дезинформации, објавија дека наводно откриле програма во Русија за обука на Молдавците да организираат масовни немири и отвориле кривични случаи против сојузниците на опозицискиот проруски челник Илан Шор кој, како што тој тврди, поради политички прогон замина во егзил во Русија.
Песков истакна дека и во такви услови е јасно колку луѓе не ја поддржуваат идеологијата на Маја Санду и тоа привлекува внимание.
Во текот на ноќта набрзо по полноќ кон понеделникот првично беа објавени прелиминарните резултати по обработка на 91,08 отсто од избирачкиот материјал, кои покажаа дека на референдумот за ЕУ – 53,54 отсто од Молдавците гласале „против“, додека 46,46 отсто го поддржале ставањето на членството во ЕУ како стратешка цел во уставот на нивната земја. Меѓутоа, веќе во 3 часот по Гринич во понеделникот, со преброени 98,38 отсто од гласовите, 732.780 Молдавци или 50.07 отсто од Молдавците гласале „за“, а 730.664 гласачи или 49,33 отсто покажуваат резултатите објавени на веб-страницата на Централната изборна комисија на Молдавија. Во тој период наводно пристигнувале гласовите од европските земји, но веројатно и од Русија.
Претходно во понеделникот Европската комисија, каде во неделата вечерта беше забележливо разорачрувањето зашто по обработени 90 отсто од гласачките ливчиња се чинеше дека „референдумот за ЕУ“ пропаднал, изјави дека целосно ги поддржува европските амбиции на Молдавија и го осудува „невиденото мешање“ на Русија во кампањата за референдумот и претседателските избори.
„Продолжуваме да даваме целосна поддршка на европските амбиции на Молдавија“, изјави портпаролот на Комисијата, Ерик Мамер. Портпаролот на Комисијата за надворешна политика Петер Стано изјави дека референдумот и претседателските избори во Молдавија се одржаа „со невидено мешање и заплашување од страна на Русија“.
На референдумот одржан во неделата, Молдавците со исклучително тесно мнозинство го поддржаа пристапот кон Европската унија, изјавувајќи дека членството во ЕУ треба да биде запишано во Уставот како стратешка цел. Претседателката Маја Санду, пак, ќе мора да оди во вториот круг од претседателските избори бидејќи не доби огромна поддршка во првиот круг..
Во Молдавија на 20-ти октомври се одржаа претседателски избори. Истовремено се одржа и референдум на кој граѓаните требаше да одговорат на прашањето: „Дали поддржувате промена на уставот за Република Молдавија да влезе во Европската унија? И двете гласања беа признати за валидни, бидејќи излезноста за секое од нив ја надмина законски потребната граница од 33,3 отсто.
Според податоците по обработката на 99,01 отсто од изборниот материјал за референдумот, „за“ евроинтеграциите гласале 50,29 отсто од граѓаните, „против“ се изјасниле 49,71 отсто. Во исто време, во самото Приднестровје, отцепената по кусата војна во 1992 година проруска област, каде се преброени сите гласачки ливчиња – 62,56 отсто од гласачите се спротивставиле на оваа иницијатива на претседателката Санду, а 37,44 отсто ја поддржале. Во автономната Гагауска област во рамките на Молдавија, по обработката на сите гласачки ливчиња, 94,84 отсто гласале „против“ интеграцијата на земјата сместена меѓу Романија и Украина во ЕУ, а само 5,16 отсто биле „за“.
Истовременот, на изборите за шеф на државата, според податоците на изборната комисија по обработката на 99,01 отсто од гласачките ливчиња, актуелната пророманска и проеврпопска претседателка Маја Санду е во водство. Таа освоила 42,21 отсто од гласовите. На второ место е родениот во автономната област Гагаузија, кандидатот на проруската Партија на социјалистите, Александар Стојаногло, кој беше сменет од функцијата главен државен обвинител. Него го поддржале 26,15 отсто од гласачите.
Во првите часови од гласањето во Молдавија и покрај обвинувањата од ЕУ за наводно „мешање и притисоци“ од Москва, некои невладини и активистички организации известија за бројни прекршувања при спроведувањето на изборите, а особено на гласањето за референдумот. Така, директорот на невладината Promo-LEX, Николај Панфил, изјави дека набљудувачите добиле над 170 пријави за инциденти за време на изборите, од кои 34 се потврдени. Станува збор, особено, за поставување материјали за кампања на избирачките места или во радиус од сто метри околу нив и за нарушување на тајноста на гласањето.
Дополнително, поранешниот премиер на Молдавија и претседателски кандидат Јон Чику рече дека добил пораки од целата земја дека луѓето се принудени да учествуваат на референдумот за прашањето за европската интеграција на републиката. Тој ги повика граѓаните да не се плашат и да се однесуваат рационално.
Покрај тоа, друг претседателски кандидат, поранешниот премиер Василиј Тарлев, изјави дека во главните болници во земјата медицинскиот персонал собира гласачки ливчиња за потоа да ги користи за непознати цели. Тој конкретизираше дека станува збор за вработени во Онколошкиот завод и во Државната клиничка болница.
Истовремено, лидерот на опозицискиот блок Победа, Илан Шор, рече дека неговите адвокати подготвуваат жалби за нарушувањата на гласањето, бидејќи знамињата на ЕУ биле поставени на избирачките места и тоа може да се смета за кампања. Според него, изборите биле претворени во „фарса и интриги“.
Во изјавата за Молдавците, Санду доцна во неделата тврдеше дека наводно има „јасни докази“ дека „криминалните групи кои работат заедно со странските сили непријателски на интересите на Молдавија се обидуваат да купат 300.000 гласови“, како што таа го нарече во „измама без преседан“. „Нивната цел беше да го поткопаат демократскиот процес. Нивната намера беше да шират страв и паника во општеството… Ги чекаме конечните резултати и ќе одговориме со цврсти одлуки“, рече таа без да даде ниеден доказ за нејзините тврдења.
Пред гласањето, беа изнесени низа обвинувања за мешање во изборите против Илан Шор, кој под притисок од Кишинев мораше да замине во егзил во Русија. Москва негираше мешање, а Шор ги негира обвинувањата. Претходно овој месец, молдавската полиција под водство на сојузниците на претседателката Санду го обвини Шор, кој е осуден на затвот во отсуство за наводна измама и кражба што тој го отфрли и го оспорува како политички притисок, дека се обидел да плати мрежа од најмалку 130.000 гласачи за да гласаат „против“ и да го поддржат „нашиот кандидат“ на изборите.
Шор наводно отворено понудил на социјалните мрежи да им плати на Молдавците за да ги убедел другите да гласаат на одреден начин и рекол дека тоа е легитимна употреба на парите што ги заработил.
Во понеделникот во раните утрински часови тој рече дека Молдавците гласале против референдумот. „Денеска ви честитам, ја изгубивте битката“, додаде тој, обраќајќи ѝ се на Санду едноставно како Маја.