За Кси геополитичката ситуација е тмурна, БРИКС да се спротистави на економските присили и обидите за разединување

Земјите од групата БРИКС – Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република, треба да ѝ се спротистават на идеолошката конфронтација во светот, изјави во средата кинескиот претседател Кси Џинпинг во обраќањето на 15-от самит на блокот на петте најбрзорастечки економии.

„Мораме да го почитуваме патот на модернизацијата, кој независно го одбрала секоја земја, да се спротиставиме на системот на идеолошка конфронтација, да се спротиставиме на судирот на различните култури“, рече Кси на состанокот на врвот во јужноафриканската метропола Јоханесбург.

Кинескиот челник во обраќањето, исто така, оцени дека сегашната геополитичка ситуација е тмурна. Додаде дека земјите од БРИКС треба активно да посредуваат во решавањето на чувствителните прашања и да ги поттикнуваат политичките решенија.

„Треба да се поддржуваме меѓусебно по прашањата коишто влијаат врз интересите на секоја од земјите, да ја зајакнуваме координацијата по главните меѓународни и регионални прашања, активно да посредуваме во чувствителните прашања и да содејстуваме во политичкото решение“, порача Кси.

Кинескиот челник рече и дека земјите од БРИКС треба да ја прошират меѓусебната политичка и безбедносна соработка, да го одржуваат мирот и стабилноста во светот.

Кси, исто така, без да конкретизира забележа дека и денес преовладува размислувањето од идеолошката блоковска Студена војна од минатиот век, како и дека геополитичката ситуација е тмурна.

„Земјите од БРИКС би требало да се поддржуваат во заедничката насока на мириљубив развој и да го јакнат стратешкото партнерство“, нагласи Кси Џинпинг.

Оцени дека земји од блокот би требало ефикасно да ги користат механизмите, како што се состаноците на министрите за наворешни работи на членките и состаниците на претставниците на високо ниво за безбедносните прашања „за да се поддржат меѓусебно во прашањата коишто влијаат врз темелните интереси (на земјите членки) и за да ја зајакнат координацијата во главните меѓународни и регионални прашања“.

Кинескиот претседател забележа и дека земјите од БРИКС би требало да се спритистават и на економската присила и да се фокусираат на деловната соработка.

„Земјите… би требало да бидат сопатници на патот на развојот и закрепнувањето, да се спротистават на обидите за разединување, економската принуда и да се фокусираат на деловната соработка“, рече Кси.

Смета и дека особено е важно сосредочувањето на соработката во областа на дигиталната економија, зелениот развок, синџирите за снабдување за содејствување во размената во областа на економијата, трговијата и финансиите.