Во последниот месец од претседавањето на Македонија со најголемата светска регионална безбедносна организација – ОБСЕ, од Министерството за надворешни работи порачаа дека најголем поттик за работа во текот на целата година биле потребите, барањата, како и безбедноста на луѓето. Како клучна работа ја посочија и ангажираноста на претседавачот со ОБСЕ, министерот Бујар Османи, кој во текот на оваа година оствари вкупно 12 посети на теренските операции на ОБСЕ .
„За луѓето се работи“ беше мото и поттик за нашата работа во текот на Претседавањето со ОБСЕ. Се поставивме како Претседателство фокусирано на луѓето, затоа што во свет во превирања, потребите и барањата на луѓето секогаш се на прво место. Нивната безбедност секогаш треба да биде во центарот на напорите на сите политички лидери – велат од МНР.
Од Министерството додаваат дека во овие напори, клучни биле ангажманите на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој во својство на претседавач со ОБСЕ во текот на изминатата година остварил вкупно 12 посети на теренските операции на ОБСЕ во Украина, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Молдавија, Грузија, Азербејџан, Ерменија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Казахстан, Узбекистан и Туркменистан.
Османи, пак, порача дека се фокусирале на долготрајните конфликти, зголемените тензии и нивните последици врз луѓето, како и ставање на располагање на алатките на ОБСЕ на оние кои имаат потреба од нив.
Додека приоритет ѝ беше даден на Украина и на решавањето на последиците од руската воена агресија, ние имавме за цел да ја одржиме доследноста на нашите принципи низ целиот регион на ОБСЕ, со посебен фокус на долготрајните конфликти, зголемените тензии и нивните последици врз луѓето, како и ставање на располагање на алатките на ОБСЕ на оние кои имаат потреба од нив, додаде Османи.
Покрај теренските посети, од Министерството потсетуваат дека биле одржани и голем број на конференции посветени на темите истакнати како приоритети во Програмата на претседавањето на Македонија со ОБСЕ за адресирање на анти-семитизмот, економските и климатските предизвици во регионот на ОБСЕ, родова еднаквост, човекови права, младите и нивната иднина и други теми од клучно значење за Организацијата и земјите-учеснички.
„Целта беше да се интегрираат различни перспективи кои ќе служат како извор на различни пристапи, кои би можеле само да придонесат за добро, одговорно владеење и севкупен општествен напредок…за доброто на луѓето“, рече Османи.
Од 29 ноември до 1 декември во Скопје ќе се одржи 30. министерски состанок на ОБСЕ. На состанокот ќе присуствуваат делегации на 67 земји, земји-ученички на ОБСЕ и земјите од Медитеранската и Азиската група партнери за соработка.
„Министерскиот совет е круната на Претседавањето на Северна Македонија со најголемата светска регионална безбедносна организација – ОБСЕ. Останува финалето – да се покажеме како добри домаќини и успешни организатори на Министерскиот совет на ОБСЕ“, порача Османи.
Инаку владата на седница одлучи 30 ноември (четврток) да биде неработен ден за сите вработени во државната и јавната администрација, на подрачјето на град Скопје, како и за основните и средните училишта на подрачјето на град Скопје, поради одржувањето на 30. министерски состанок на ОБСЕ.
Одлуката не се однесува на детските градинки и здравствените установи на подрачјето на град Скопје, кои што е потребно да изработат сопствени планови за работењето, со цел непречено функционирање, додаваат од Владата.
Исто така, Владата одлучи претходниот ден (29 ноември, среда) работното време на сите вработени во државната и јавната администрација на територијата на градот Скопје да заврши во 12 часот.