
Јапонскиот произведувач на електронски уреди „Panasonic“ објави во петокот дека го продал својот удел во американскиот производител на електрични автомобили „Tesla“ за 3,61 милијарди долари во фискалната година која заврши во март.
Денеска објавената продажба временски се совпаднала со настојувањата на челниците на споменатиот јапонски конгломерат да ја намали својата зависност од „Tesla“ и да акумулира средства за инвестиции.
Инаку „Tesla“ доминира во дејноста со батерии на „Panasonic“, но односите меѓу двете компании повремено минуваа низ тензични периоди, забележува Reuters.
Американската компанија неодамна реши да го прошири кругот на снабдувачи со батерии, склучувајќи договори со јужнокорејски „LG Energy Solution“ и со кинески CATL.
Во 2020 година „Panasonic“ купи 1,4 милиони акции на „Tesla“ по цена од 21,15 долари по акција, издвојувајќи за пакетот околу 30 милиони долари. На крајот од март минатата 2020 година вредноста скокна на 730 милиони американски долари.
Оттогаш акцијата на „Tesla“ порасна за повеќе од седум пати, а во четвртокот скокна за 3,5 отсто во однос на претходниот трговски ден, на 679,82 долари.
Економските аналитичари, пак, оценуваат дека „Panasonic“ на продажбата можеби бил поттикнат од купувањето биткоини од страна на „Tesla“ за 1,5 милијарди долари.
Основачот и челник на „Tesla“, Илон Маск, ја објави веста за големото купување биткоини во февруари годинава, наведувајќи дека купците ќе може да ги плаќаат нарачаните автомобили со оваа криптовалута, но подоцна ја повлече оваа одлука. Коментарите на Маск на Twitter во меѓувреме предизвикуваа силни осцилации во центата на биткоинот на берзите за тргување со криптовалути.
„Ценaта на акциите на Tesla можеби поради криптосопственоста ја надминала својата органска вредност, па ова беше добар момент за продажба“, вели Хидеку Јасуда, аналитичар на „Ace Research Institute“ нагаѓајќи за мотивите за одлуката на „Panasonic“.