Несвојствено е владејачката партија да се занимава со борба против лажни вести, коментираат од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), а ваквите дејствија претставуваат изедначување на партијата со државата реагираат и од Македонската асоцијација на новинари (МАН).
Тоа се ставовите на двете еснафски здруженија на новинарите во земјата на прашање на Алфа, откако на партиска прес-конференција, владејачката СДСМ зборуваше за некаков план за „справување“ со ткн лажни вести.
„Секој може да има став за одредено прашање, но не сметаме дека партиската говорница треба да се користи за промоција на владин план, особено не за вака сензитивни теми кои бараат широка дебата во целата медиумска заедница“, велат од ЗНМ.
Од Здружението бараат во следниот период да бидат презентирани намерите за т.н. план за борба со лажни вести, и очекуваат тоа да се случи од понеделник натаму, во најавената консултација со граѓанските организации.
„Владата и која била друга институција не можат да ценат што се дезинформации, а што не се. Тие имаат право на демант и исправка, а за да превенираат ширење дезинформации најдобар начин е да се покаже максимална транспарентност во работата на сите институции“, велат од ЗНМ.
Реагираат и од МАН, според кои јавноста сѐ почесто е сведок на „пристрасно известување од медиумите блиски до власта, односно немањето дистинкција меѓу државата и партијата и координирани напади и притисоци кон независни професионални медиуми кои критички известуваат за работата на носителите на функции од владеачките партии“.
„Последната координирана најава на владата и партијата СДСМ за борба против дезинформации е потврда на истото“, велат од МАН.
Посочуваат дека во ниту една демократска држава власта не определува која вест е лажна, бидејќи како власт е постојано извор и цел на информации и сите вести кои на власта не ѝ одат во прилог таа може да ги прогласи за лажна вест, а според предлогот во иднина и да ги санкционира.
„Тоа е спротивно на член 16 од Уставот кој гарантира слобода на говор и јавно изразување, а спротивно е и на начелата за забранета цензура на вестите во Законот за медиуми“, прецизираат од МАН.
Од Владата соопштија дека преку „акциониот план 21“ во кој е содржана борбата против лажни вести, ќе се работи на нивно намалување. Останува неодговорено дали само медиумите ќе бидат под лупа на проверувачите на факти или, пак, и владините функционери.