За новогодишната прослава не платил Градот Скопје, туку општествено одговорни компании

Концептот на прослава на Нова година со македонски изведувачи се покажа како успешен. Овој концепт ќе биде дел од следните новогодишни прослави, со целодневна програма и со значително помалку средства одoшто досега биле користени од градскиот буџет за оваа намена, соопшти град Скопје, како реакција на нападите и конструкциите што ги пласира СДСМ во јавноста.

„Како компарација ќе наведеме дека само за 2020 година биле планирани околу 140.000 евра за настап на две групи, една од Косово и една од земјава. Претходната 2019 година, со Дино Мерлин се потрошени над 154.000 евра, средства од градскиот буџет, под сомнителни околности, за што веќе Комисијата за справување со корупција има отворено случај за злоупотреби.

Оваа година токму поради потрошениот буџет од претходното раководство и поради лошото планирање, Град Скопје беше ставен пред голем предизвик дали воопшто ќе може да се организира прослава за новогодишната ноќ. Прославата беше овозможена поради активирањето на неколку општествено одговорни компании, што се понудија да ја организираат манифестацијата. Средствата за дочекот се директно платени на изведувачите и Градот Скопје нема никакви финансиски импликации од новогодишната прослава на градскиот плоштад.

Изведувачите, озвучувањето и осветлувањето не се ангажирани од Град Скопје.

Ги повикуваме советниците на СДСМ од Град Скопје да престанат со континуираните секојдневни напади и политички пресметки и наместо да се занимаваат со конструкции и шпекулации, за настани кои немаат никакви финансиски импликации на работата на градот да ја насочат својата енергија кон конструктивни идеи за проекти што ќе значат подобар живот на скопјани“, се вели во реакцијата на Град Скопје.