За пет месеци ќе биде познато вистинското потекло на Колумбо

Дали славниот морепловец Кристофер Колумбо бил од Џенова, денешна Италија, или бил Шпанец или, пак, како што сугерираат некои теории бил Португалец, можеби Грк па дури и Полјак, ќе биде познато по пет месеци, велат научниците.

Дилемите околу потеклото на истражувачот кому му се припишува откривањето на Америка би можело да бидат решени за пет месеци, бидејќи меѓународниот тим стручњаци во средата започна со анализата на неговите ДНК останки, со што се надеваат дека ќе бидат идентификувани вистинските корени на Колумбо.

За раните години на славниот морепловец од XV век се знае малку. Важен напредок во создавањето комплетен профил на истражувачот кој умрел пред 515 години е направен во 2003 година кого ДНК анализите потврдиле дека коските погребани во гробницата во катедралата во Севилја навистина се негови.

По овој наод групата научниците од Универзитетот во Гранада, која го води истражувањето, ја запре истрагата. Причината беше што тогашната технологија поврзана со ДНК не беше прецизна ниту веродостојна, и бараше големо количество генетски материјал.

Но во меѓувреме науката силно напредуваше. Хозе Антонио Љоренте, професор по медицинска форензика на Универзитетот во Гранада, вели дека се случило „радикално подобрување“ во ДНК анализите, па сега е можно да се анализираат и многу мали фрагменти од примероците.

„Примав десетици агресивни имејлови во кои ме прашуваа зошто го запревме истражувањето. Бараа да ја откријам тајната на потеклото на Колумбо“, вели шефот на проектот Љоренте на онлајн конференцијата за медиумите.

„Да можевме уште пред 16 години тоа да го утврдиме, но тогаш ја немавме потребната технологија. Науката не е наука доколку не ги исполнува максималните неопходни услови“, додаде Љоренте.

Истражувачите моментално работат на четири парчиња од коските на Колумбо, седум коскени останки, на забот од неговиот син Ернандо, а исто така и на десетина фрагменти од коски на неговиот брат Диего, кои се во лоша состојба.

Тие останки ќе бидат испратени на генетска идентификација во лаборатории во Рим и Фиренца во Италија, како и во лаборатории во Мексико и САД иако истражувањето ќе биде координарано од Гранада.

„Постапката на работата на тој начин ќе биде независна. Нема да има поврзаност меѓу овие лаборатории за да се сочува објективноста на наодите. Кога сите ќе завршиме со работата ќе ги изнесеме на маса заклучоците“, појасни Љоренте.

Тој лично верува во општо прифатената теорија според којашто Колумбо потекнувал од Џенова, но додава дека целта на проектот е решавање не некои „загатки и контрадикции“ во историската приказна и добивање „што е можно поголеми количества информации за повеќе да не би можело да се дискутира“ за потеклото на Кристофер Колумбо.

Како вовед во оваа работа, Универзитетот во Гранада во средата беше домаќин на научниците, што Љоренте го нарече „првиот светски состанок на истражувачите на Колумбо“, кои изнесуваат различни теории за неговото потекло.

Прекуокеанските патувања на истражувачот во името на шпанската монархија од 1492 и 1504 година го отвориле патот за европската колонизација на Америка, кои Европејците тогаш ја нарекувале „Новиот свет“.

Колумбо умрел на 20-ти мај 1506 година и бил погребан во манастир во шпанскиот град Вајадолид, иако наводно барал да биде погребан во Американ. Од Вајадолид неговите останки се преместени прво во Севилја па во Домениканската Република, потоа на Куба и на крајот повторно вратени во Севилја.