За Писториус „неприфатлива“ е критиката на Венс кон Германија

Германскиот министер за одбрана во Борис Писториус ги нарече во петокот „неприфатливи“ критиките на американскиот потпретседател ЏејДи Венс кон Германија и Европската унија за нарушување на слободата на говорот и непочитување на волјата на избирачите во нивните земји.

„Американскиот потпретседател штотуку ја доведе во прашање оваа демократија, не само германската демократија, туку (демократијата на) Европа како целина“, рече германскиот министер за одбрана Борис Писториус на Конференцијата за безбедност во Минхен во петокот.

„Ако го разбрав правилно, тој ја споредува ситуацијата во Европа со она што владее во некои авторитарни режими, тоа не е прифатливо“, додаде Писториус.

Венс го искористи својот говор на безбедносната конференција за да ја критикува ЕУ за кршење на слободата на говорот на нејзините граѓани и непочитување на волјата на гласачите.

„Се плашам дека слободата на говор е во опаѓање низ Европа“, рече Венс, правејќи паралела со „цензурата“ на социјалните мрежи во САД за која ја обвини администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден.

„Меѓутоа, ги прашувам нашите европски партнери, ако демократијата може да биде уништена со објави на социјалните мрежи за неколку стотици долари, ајде да се запрашаме за каква демократија се работи“, рече Венс.

Осврнувајќи се на нападот во четвртокот во Минхен, кога 30 лица беа повредени во напад со автомобил управуван од Авганистанец, Венс рече дека тоа е резултат на несовесни одлуки на политичарите кои дозволиле неконтролирана миграција.

„Уште колку пати треба да го доживееме тоа пред да го промениме правецот во кој се движи нашата цивилизација? Игнорирањето на гласовите на нашиот народ, поништувањето на изборите… тоа не штити ништо, всушност ја уништува демократијата“, предупреди Венс.

Ги обвини етаблираните партии дека не ја почитуваат волјата на гласачите со тоа што одбиваат да соработуваат со десничарските партии.

„Ниту една демократија не може да опстане ако им каже на десетици милиони гласачи дека нивните ставови, грижи и желби не се вредни за разгледување…. Не смееме да се плашиме од сопствениот народ, дури и кога нивните ставови не се согласуваат со оние на властите“, им порача американскиот потпретседател на европските партнери.

изјавите на Венс дојдоа една седмица пред предвремените парламентарни избори во Германија и ветувањата на главните етаблирани партии дека нема да дозволат власта да ја преземе или во неа да учествува десничарската Алтернатива за Германија (AfD), на којашто анкетите ѝ прдвидуваат историски успех на изборите.