За подобри плати Македонците работат и како разнесувачи на храна во Белград

Македонци од Скопје и Куманово веќе работат како доставувачи на храна во српската престолнина Белград.

Оглас за овој вид работа има во повеќето македонски градови. Огласите се истакнати на јавни места, на автобуски постојки, онаму каде има голема фреквенција на луѓе. Во огласот стои дека нудат плата од 800 евра, плус бонуси, обезбедено е сместување и возило за работа, а кандидатот треба да има завршено средно образование, да поседува возачка дозвола Б категорија, да биде одговорен и организиран, пишува Фактор.

„Се јавуваат луѓе, има доста заинтересирани. Може да се вработат и жени, но важно е да поседуваат возачка дозвола. Претежно се јавуваат кандидати на возраст од 30, 40 до 50 години. Добро е ако имаат претходно искуство, но многу е важно и да бидат снаодливи, затоа што сепак станува збор за работа во голем град. Освен 800 евра, има можност за бонуси и за дополнителна заработка“, вели за Фактор посредникот од Скопје кој ги поврзува заинтересираните за работа со фирмата во Белград.

Пред неколку месеци се нудеше работа во Загреб, исто така за доставувачи на храна, со идентични услови и висина на плата. И за оваа работа беа истакнати огласи низ градовите.

Инаку, во Србија примањата растат и тие одамна ја надминаа Македонија со висината на просечната плата.