Новинарот на „Инфомакс“ одбил да се легитимира и давал активен отпор, стои во соопштението на МВР за вчершното апсење на Борислав Стоилковиќ, кое го виде целата јавност.
На видеото кое уште вчера беше објавено на социјалните мрежи јасно се гледа дека новинарот е приведен додека со останатите колеги стојат надвор од случувањата пред Собранието, па не е јасно зошто само тој е приведен. Стоилковиќ во еден момент го туркаат во комбито шестмина полицајци, како да станува збор за криминалец.
Во врска со новинарот на порталот „Инфомакс“, ја информираме јавноста дека тој одбивал да се легитимира, а притоа дал активен отпор. Постапувајќи согласно процедурите , лицето е однесено во полициска станица и по утврдувањето на неговиот идентитет, истото веднаш е пуштено. Министерството за внатрешни работи уште еднаш апелира новинарите и снимателите кои ги извршуваат своите работни задачи во текот на известувањето да го почитуваат етичкиот кодекс на однесување и со своите постапки да не ги попречуваат службените лица во извршувањето на своите задачи, при заштитата на јавнот ред и мир.
Во изминатиот месец МВР во соработка со ОБСЕ и ЗНМ одржа низа работилници во неколку градови, на кои учествуваа новинари и вработени во МВР се со цел да се избегнат недоразбирања, меѓу другото, и на вакви јавни собири, велат од МВР.