Изминатите години од авторитарното владеење на СДСМ беше обележано и со силна партизација на судско-обвинителскиот систем и тоа по неколку основи: партизација на кадрите кои се примаат во Академијата за судии и обвинители со целосна инволвираност на директорката на Академијата – проф. д-р Наташа Габер Дамјановска. Да! Оваа личност која многу милува да дочекува странски делегации и да ги угостува во еден ресторант во општина Аеродром, еден ден треба да биде под целосна ревизија и посебно да одговара пред судовите за скандалозните списоци за кандидати за судии и обвинители, а во кои списоци посебно има партиско влијание и непотизам (деца на судии и обвинители, роднини, пријатели на партиската врхушка итн.).
Нашиот народ вели: „рибата смрди од главата“. Преку строго контролирани избори за слушатели на обуката во Академијата се создава основа понатаму партиските и непотистички кадри да пресудуваат и обвинуваат на сосема сомнителен начин, од устата на нарачетелите како знак на благодарност за тоа што ја облекле обвинителската или судската облека. Ова е првото срамно ниво со кое се поткопуваат темелите на едно посакувано, чесно и честито судство и обвинителство. Многу често се прави забуна и сите напади се насочуваат кон судството, а се заборава на обвинителството кое доколку работи професионално нема да доведува до тоа во судската практика да се провлекуваат случаи кои се надвор од здравата логика! Но, Наташа Габер Дамјановска не е сама. Тука се и некои ликови кои успеваат во сите власти да се протежираат и да ги цицаат институциите, како на пример:
- Лазар Нанев, претседател на управен одбор на Академијата, кој истовремено е и Претседател на Основниот суд во Кавадарци, а е познат и по тоа што е љубител да членува во комисии, како онаа со која се испитуваше функционирањето на АКМИС системот во судството. Но, неговите апетите не запираат тука. Во слободно време е и професор на Правниот факултет во Штип, а во едно друго време добро се позиционираше и во Фудбалската федерација на Македонија, за што потребно е да се истражи дали му се исплаќани средства од Федерацијата и по кој основ!!! Сето ова барам да се провери заради доследно почитување на презумпцијата на невиност, бидејќи не би сакал некому да нанесам ниту една дамка во богатата кариера.
2. Сашо Рајчев, кој не му било доволно што бил шеф на скопското обвинителство, туку станал член и на овој управен одбор. Но, овој обвинител не се задоволил со тоа, така што заради заслуги е унапреден и во Виш обвинител во Скопје. Па, се поставува прашањето дали треба и понатаму да биде член на управен одбор на Академијата тоа од проста причина што повеќе не раководи со скопското обвинителство, туку е во Вишото јавно обвинителство??? Дали менаџментот на Академијата, свесно или несвесно, не ги ажурира податоците во веб сајтот на Академијата е друго прашање, кое само ја покажува нивната совесност, професионалност и одговорност!
3. Миле Петков, кој раководи со јавното обвинителство во Струмица исто така е член на Управен одбор на Академијата. Сосема нормално! Струмица сега е извор на кадри способни за се, луѓе за се! Но, Миле Петков како проверен обвинител на власта не изостанува да биде и член на комисии за отстрел на негови колеги. Времето ќе биде најдобар сведок за секое однесување, бидејќи ништо не се заборава и како што покажува историјата се тече се се менува.
Има уште многу, но редно беше најбитните посебно да ги испочитувам. Секако, дека, не треба да се заборави ниту Програмскиот совет на Академијата, на чело со кого ако не со проф. д-р Гордана Лажетиќ од Правниот факултет во Скопје.
Следно ниво, кое има најголема вина за политизација на судството е Судскиот совет со кој раководи Павлина Црвенковска, која е позната по тоа што нема пресудено ниту еден случај во својата кариера, затоа што врв во нејзината кариера е нејзината позиција судски советник во Апелациониот суд во Скопје. Од поинтересните членови на Судскиот совет би ги навел:
- Киро Здравев, чие што работење во Врховниот суд еден ден потребно е посебно да се истражи во контекст со судбината на негови колеги врховни судии кои заради членство во одредени совети експресно беа разрешени????
2. Лорета Горгиева, која доаѓа од судот во Струмица за да му помогне на премиерот во конечното средување на судството. Да, таа во судството ќе помага, а нејзиниот сопруг е долгогодишен директор на комуналното претпријатие во Струмица и кандидат за градоначалник во Струмица, кој според мислењето на струмичани од кандидат не отишол подалеку. Работењето на Лорета од аспект на транспарентното работење посебно привлекува внимание кај мене како граѓанин кој долго време пишува за партизацијата на судството.
Следно ниво е Советот на јавни обвинители и бројните афери кои се поврзуваат со ова тело. А, таму каде има афери нема професионалност и отчетно работење.
Не сакам да помислите дека, оваа моја колумна ќе ја заобиколи најавената оставка на судијата Туфекџиќ. Да, овој судија обвини за политичко влијание! Но, не објасни дали тоа влијание било присутно и во неговото работење, во пресудувањето за случаите на висока корупција во кои беше вклучен и кога при изрекувањето на пресудите се случи да му затајат гласните жици и со тешкотија ги читаше деловите од пресудите.
Судството и обвинителство со овие личности не може да има интегритет и не може да опстои како професионално и со интегритет. Итно е потребно генерален реизбор на судиите и обвинителите со вклучување на експерти од меѓународната заедница и преку прочистување да се овозможи владеење на правото. Доколку не се направат радикални реформи се соочуваме со опасноста овие партизирани институции да ги поткопаат темелите на демократијата. Човековите слободи и права се обична фраза, институците на судството и обвинителство се карикатури какви што не се среќаваат ниту во најмодерните стрипови.
Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес