За половина година две самоубиства на матуранти, одговорност нема!

Мистериозната смрт на средношколецот од скопската гимназија „Георги Димитров“, ја потресе македонската јавност, отворајќи бројни прашања, особено за институционална одговорност, бидејќи не толку одамна, имаше случај со самоубиство на исто така средношколец од гимназијата „Раде Јовчевски- Корчагин“.

Немилиот настан се случи минатата година, а според мајката на матурантот кој си го одзеде животот откако отишол во училиштето да си го земе сведителството, никој не презел одговорност, и случајот се затворил, иако детето во прошталното писмо напишало зошто и кој е одговорен за таа негова постапка.

Таа во Фејсбук објава пред неполн месец, ги прозва на одговорност директорот на училиштето и класната, но и инспекторите и обвинителот кои сѐ уште не ја завршиле својата задача.

„Дали постои МОРАЛНА ОДГОВОРНОСТ? Класна, „teacher” Татјана Голчева! Дали ви се сите книги на број? МОЕТО ДЕТЕ ГО НЕМА!?! Го навредувавте и понижувавте на почетокот од учебната година пред неговите другари-соученици. „Не ве почитувал“! Дали вие заслужувате почит? Неодговорен, Невиспитан и Дрзок се вашите зборови упатени кон него и родителите 48 часа пред да си го одземе животот. СО ШТО ГО ЗАСЛУЖИ ТОА МОЕТО ДЕТЕ?“, напиша таа.

Пред некој ден, повторно голема тага, но и силна горчина поради истите неодговорени прашања, морални дилеми и системски празнини кои ја уриваат поткрепата и самодовербата на младиот човек во Македонија.

Револтот е голем особено бидејќи случаите брзо се затвораат како „самоубиство“, без притоа да се повика барем на морална одговорност, за да се допре до вистинските причини што ги натерало овие средношколци да посегнат по својот живот. Семејствата погодени од овие трагедии, најдобро го знаат тоа.

И во вториот случај, мајката на матурантот од СУГС „Георги Димитров“, се сомнева дека случајот ќе се затвори само како „самоубиство“, притоа укажувајќи на тоа дека во Македонија, да се биде родител, а без поддршка на институциите, е многу тешко.

„Институциите сигурно ќе го затворат случајот како самоубиство, затоа што така е најлесно. Моја е вината што тоа го дозволив и што останав тука да ги растам децата. За каде? За во Бутел“, пишува мајката во коментар.

Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека на 12 март било пријавено дека на плочник пред зграда на подрачјето на Центар е пронајден починат Ј.Т.(18).  По извршениот полициски увид телото е дадено на обдукција, при што е утврдено дека починал поради повреди настанати од пад од висина.

Смртта на матурантот од СУГС „Георги Димитров“, деновиве поттикна лавина коменатри на социјалните мрежи, а во голем дел се изнесуваа и неофицијални информации дека на средношколецот му била ставена халуциногена дрога во пијалок во кафуле, по што тој скокнал од зграда.

„Дали некој знае дека денес се погребува гимназијалец отруен од дрога ставена во пијалок во кафич. Дали некој знае уште за неколку слични случаи на деца, кои по халуцинација се фрлат од 5-ти спрат и слични самоубиства. Можеби некој знае, но не оваа јавност која се’ уште е „траурна“ од смртта на малата Тамара, нека почива меѓу ангелите“, напиша професорката Виолета Ачковска, која ја објави веста за починатиот матурант, на социјалните мрежи.

Зошто тинејџерите размислуваат за самоубиство?

Дознавањето повеќе за тоа што може да доведе тинејџер до самоубиство може да помогне да се спречат понатамошни трагедии. Причините за самоубиството или обидот за самоубиство на тинејџер секако се сложени, посочуваат психолозите. Иако самоубиството е релативно ретко меѓу децата, стапката на самоубиства и обиди за самоубиство значително се зголемува за време на адолесценцијата.

Може е тешко да се запамети какво е чувството да се биде тинејџер, фатен во таа сива зона помеѓу детството и зрелоста, но дефинитивно тоа е период кој може да биде исполнет со многу стрес и грижи. На таа возраст тие имаат проблем да се справат со стресот, со одбивањето, неуспехот, раскинувањето, училишните тешкотии и превирањата во семејството. Тие, исто така, не можат да видат дека можат да го свртат својот живот – и дека самоубиството не е решение за привремениот проблем.

Кај тинејџерите, повеќе од која било друга возрасна група, самоубиството е обично импулсивен чин. Тинејџерите имаат тенденција да бидат поимпулсивни бидејќи префронталниот кортекс во нивниот мозок не е целосно развиен и не станува целосно развиен до околу 25- годишна возраст, објаснуваат психолозите.